1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин: Пресудата во Хаг да биде импулс за разговорите околу името

5 декември 2011

Германското МНР реагира кусо по пресудата во Хаг. Гинтер Крихбаум од ЦДУ смета дека Европскиот совет би можел да испрати сигнал и вербална поддршка, но поради процедурата не може да даде датум за пристапните преговори!

https://p.dw.com/p/13MuO
Фотографија: picture-alliance/dpa

„И натаму се залагаме за изнаоѓање заемно прифатливо решение за спорот со името и за двете страни. Се надеваме дека денешната пресуда на Меѓународниот суд на правдата ќе помогне да се даде нов импулс на разговорите меѓу Македонија и Грција за ова важно прашање“, гласи кусата реакција на германското министерство за надворешни работи по денешната пресуда на Меѓународниот суд на правдата.

„Целосно ја поздравувам пресудата, зашто носи правна јаснотија и јасно покажа дека во спорот околу името, кој отсекогаш го сметав за апсурден, немало ниту една причина за блокада“, е коментарот на Гинтер Крихбаум, пратеник на ЦДУ-ЦСУ и претседател на Комисијата за Европска унија во германскиот Бундестаг. Од Брисел, каде учествува во подготовките на наредниот Европски совет, Крихбаум за Дојче веле подвлече дека со одлуката која е обврзителна за засегнатите страни се овозможува гледање кон иднината.
После ваквата одлука на Судот, кои би биле наредните чекори на Европската Унија? Крихбаум одговара:

Gunther Kriechbaum MdB
Пресудата носи јаснотија - Гинтер Крихбаум (ЦДУ-ЦСУ)Фотографија: Gunther Krichbaum

„Судот најпрво утврди дека Атина немала право уште во случајот на НАТО еднострано да го блокира вклучувањето на Македонија. Истото важи и за Европската Унија. Затоа сметам дека сега брзо ќе се чекори напред. Сакаме со Македонија во интеграциите да се оди понатаму. Се чини дека оваа блокада сега ќе биде решена.Затоа сметам дека ова е исклучително важно за надминување на пречките за преговорите и се радувам на нивниот брз почеток“.
Може ли да се случи по одлуката на Судот, Европскиот совет уште в петок (09.12) да даде датум за отворање на пристапните преговори со Македонија, а решавањето на спорот околу името да се одвива независно и паралелно?

„Би можело да се испрати сигнал...Сметам дека останува и мора да остане се’ на една вербална поддршка. Никакви конкретни одлуки не може да се донесат, зашто на секоја одлука и претходи претходна задолжителна постапка, не само од страна на Комисијата, туку и од страна на германскиот Бундестаг, кој мора да даде согласност за почеток на било какви преговори. Затоа, овие парламентарни процедури не може да се прескокнат, но верувам дека секаде има олеснување и сигурно сме задоволни што една долгогодишна расправија конечно ќе може да се стави настрана. Не смее да се зборави дека Преодната спогодна датира од 1995 година и затоа ова е голем исчекор за Македонија во насока на европската иднина, но секако и за нејзината интеграција во НАТО“, истакна за Дојче веле Гинтер Крихбаум, пратеник на ЦДУ-ЦСУ и претседател на Комисијата за ЕУ во Бундестагот.

Автор: Силвера Падори-Кленке
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска