Берлин: Македонија е на позитивен пат полн со височини и длабочини
17 април 2013„Извештајот на Комисијата покажа дека има светли точки, но и сенки во Македонија. Се наведуваат позитивните примери од реформите, но и сферите каде напорите треба да се засилат. Севкупно, моја препорака до Комисијата и Европскиот Совет е да направат се’ што е возможно за да започнат пристапните преговори со Македонија, зашто цврсто сум убеден дека дури во рамките на пристапните преговори ќе може вистински да се зголеми притисокот и реформите да бидат успешни“, изјави за ДВ Дитмар Нитан, пратеник од СПД во Бундестагот и добар познавач на Македонија.
„Не знам што сега ќе преземат грчките пријатели во Европскиот совет, но знам дека останатите земји членки ќе го зголемат притисокот, зашто Грција не смее повеќе да го блокира стартот на пристапните преговори со Македонија. Комисијата јасно кажа дека има напредок. На последниот Европски совет беше кажано дека почетокот на пристапните преговори ќе зависи токму од овој извештај, за кој уште еднаш ќе се разговара. Едноставно, сега се надевам дека на крајот ќе победи разумот и ќе се стаса до целта - пристапните преговори конечно да започнат“, вели Дитмар Нитан.
Неговиот партиски колега Гернот Ерлер новиот извештај за напредокот со благонаклонет тон го објаснува вака:
„И покрај политичката криза од 24 декември, минатата година имаше подобрување во работата на медиумите, во однос на ефикасноста и независноста на судството, во борбата против корупцијата и изборните реформи. Во извештајот, исто така, се потврдува успехот на Скопје во нормализирање на односите со Бугарија, која постоеше закана да стане камен на сопнување за започнување на преговорите за пристапување во ЕУ. Спротивно, јасно е дека околу прашањето за името се’ уште се чека пробив. Дека во разговорите со Грција во периодот на извештајот е даден ’нов импулс’, без притоа да се дадат подетални образложенија, е формула која повеќе охрабрува, одошто укажува на суштински напредок. Македонските амбиции за членството во ЕУ и натаму се врзани за излегувањето од ќорсокакот на ’вечниот’ спор околу името на државата“, го коментира за ДВ најновиот извештај на Комисијата, социјалдемократот и пратеник во Бундестагот Гернот Ерлер.
Јирген Климке од владејачките партии на Унијата (ЦДУ-ЦСУ) вели дека „Македонија се наоѓа на позитивен политички и економски пат на кој наидува на височини и длабочини“. Тој потсетува дека за старт на пристапните преговори со Европската унија е неопходна согласност од сите земји членки, констатирајќи дека „се’ уште не е на располагање формална согласност за овој чекор, зашто Грција се‘ уште најавува размислување“. Како познавач на регионот, Климке изразува надеж дека спротивностите преку разговорите во иднина ќе може да се надминат и Македонија ќе го продолжи својот пат во Европската унија.
Според Оливер Лукшич, од пратеничката група на Либералите во Бундестагот, „во извештајот за напредокот на Македонија објавен во вторникот од страна на Европската комисија е покажана реалната проценка на состојбата во земјата“. „И покрај напредокот особено во делот на слободата на изразување или на реформата на јавната администрација, се’ уште стојат предизвици кои треба да се надминат. Сега е особено важно Анкетната комисија да ги расчисти случувањата од крајот на 2012 година кои ја предизвикаа политичката криза. Македонија мора, исто така, да продолжи да ги подобрува билатералните односи со Грција и Бугарија. Предлогот од 9 април за решавање на спорот околу името со Грција е важен чекор. Македонија треба доследно и натаму да продолжи на патот на реформите, особено во билатералните односи, со што би можело да следи отворањето на пристапните преговори со ЕУ“, заклучува либералот Оливер Лукшич.
И Штефан Либих од Партијата на Левицата во Бундестагот вели дека Извештајот го посочува позитивниот развој на настаните, меѓу кои ги подвлекува договорот на македонските партии од 1 март годинава за надминување на политичката криза во Македонија, потоа подобрувањето на меѓусоседските односи со Грција и Бугарија, до „таканареченото прашање за името ". Тој ги поздравува позитивните случувања, констатирајќи дека „тие треба да бидат повод конечно да започнат вистински пристапни преговори со ЕУ“. „И за Македонија треба да се применуваат само Копенхашките критериуми. Грција конечно треба да се откаже од својата блокада. Станува збор за јасна перспектива за Македонија“, категоричен е Штефан Либих.