Берзите тргнаа нагоре
24 март 2009Њујоршката берза веднаш реагираше позитивно на планот на американското министерство за финансии за спас на банкарскиот систем. Основниот индустриски индекс, Дау Џонс, се покачи за 6,84 насто, што е најголемо дневно зголемување на неговата вредност од октомври минатата година. Индексот НАСДАК, кој ја изразува вредноста на акции на технолошки фирми, се искачи за 6,76 насто. И азиските берзи го завршија работењето со позитивен биланс. Јапонскиот Никеи забележа раст од 3,3 насто, додека индексот на берзата во Хонг Конг регистрираше позитива од 3,4 насто. Покрај тоа, на овие берзи се зголемил и бројот на трансакции.
Позитивна реакција и на европските берзи
Добри вести денеска дојдоа и од европските пазари за тргување со хартии од вредност. Како што јавуваат агенциите, берзите во Франкфурт, Лондон и Париз работењето го започнаа во позитива. Ваквиот тренд следи само неколку часа откако американската влада го објави планот со кој се предвидува од банките да бидат откупени таканаречените дубиозни кредити и високоризичните хартии од вредност. Американскиот министер за финансии, Тимоти Гајтнер, соопшти дека за таа цел се предвидени околу една милијарда долари.
Според проценките на аналитичарите, довербата во берзите полека се враќа, како резултат токму на мерките за борба против кризата, што се преземаат во САД.
Извор: Агенции Обработка: Невена Георгиевски
Редактура: Трајче Тосев