1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белгија ја порази Македонија

ЖА/макфакс/дв27 март 2013

Белгија ја победи Македонија со 1: 0 во натпреварот од шестото коло во квалификациската Група А за пласман на Светското првенство во Бразил во 2014 година. Германија пак, ја совлада екипата на Казахстан со 4:1.

https://p.dw.com/p/184md
Фотографија: Fotolia/Val Thoermer

Македонија го одигра најлошиот натпревар во овој квалификациски циклус. Белгија доминираше во текот на сите 90 минути и со погодокот на Азар стигна до победата. Македонија, по почетните 10 минути, кога целосно ја контролираше играта, во останатиот дел од првото полувреме беше ориентирана на одбраната на својот гол.

Белгија во текот на првото полувреме ја контролираше играта, но домашните фудбалери не успеаја да профитираат од тоа. Најсериозната шанса за постигнување гол Белгија ја имаше преку Азар, но неговиот удар од 20 метри го одбрани Пачовски.

Белгија постигна гол во 35-та минута, кој оправдано беше поништен поради офсајд позицијата во која се наоѓаше Вермален. Императивот на победа го натера белгискиот селектор да изврши две промени и својот тим да го постави во целосно офанзивна формација.

Сериозна закана по голот на Пачовски беше ударот на Азар, кој од 18 метри ја погоди гредата на голот на македонската репрезентација. Белгија, потоа целосно ја презеде иницијативата, Македонија се бранеше со девет фудбалери, а и покрај иницијативата ‘црвено жолтите’ повторно му подарија гол на противникот.

Победничкиот гол во 62-та минута го постигна Азар, по претходна лоша интервенција на Даниел Георгиевски на една нафрлена топка.

Македонија во вториот дел имаше три обиди да постигне гол. Новески во 50-та минута со глава од седум метри упати премногу млак удар над голот на Белгија, Пандев во 69-та минута од десната страна се обиде да пласира, но ударот заврши над голот на Белгијците, додека најопасен беше ударот на Глигоров во 75-та минута, тој од прва биеше од 18 метри но топката мина крај голот на Белгија.

Deutschland Kasachstan Fußball WM Qualifikation 2014
Екипата на Германија го совлада КазахстанФотографија: Getty Images

Во оваа група Србија со двата гола на Ѓуричиќ со 2:0 ја совлада Шкотска, Хрватска со многу мака победи во Велс со 2:1.

На табелата Белгија и Хрватска имаат по 16 бодови, Србија е трета со седум, Велс освои шест, Македонија има четири, а Шкотска е последна со два бода.

Германската фудбалска селекција пак, без големи напори во натпреварот во рамките на Ц групата го совлада Казахстан со 4 спрема 1 (3: 0). Ова е петта победа на германскиот тим во квалификациите во шест натпревари. Германија со тоа води во групата со 16 бода, а Казахстан останува претпоследен со само еден бод.