1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали доаѓа крајот на Шенген?

Кристоф Хаселбах
4 февруари 2017

Белгиската влада планира да воведе проверки на патниците на меѓународните железнички и автобуски линии.

https://p.dw.com/p/2VlAu
Symbolbild EU Schengen-Raum Ende Schengener Abkommen
Фотографија: Reuters/W. Rattay

Анис Амри, човекот кој го изврши терористичкиот напад на божиќниот пазар во Берлин, без пречки можел да патува низ Европа. Тој се качувал на автобуси и возови за да отпатува прво до Холандија, потоа во Франција, за конечно да стигне во Италија. Ваквото непроверено движење е овозможено со Шенген зоната, безграничното патување во ЕУ. Но дури и Шенген зоната претрпи промени. Од екот на миграциската криза есента 2015 година, неколку држави воведоа проверки на границата. Германија, на пример, сега прави проверки на границата со Австрија. Безграничното патување е еден од најзначајните европски идеали и нешто од кое земјите не би се откажале лесно. Но во ерата на тероризмот и неконтролираните миграциски бранови, Шенгенот е ставен под зголемен притисок.

Berlin Anschlag - Fahndungsfoto Anis Amri
Анис Амри, напаѓачот од БерлинФотографија: picture alliance /Bundeskriminalamt

ЕУ веќе реши да ги проверува податоците за патниците кои користат авионски превоз. По околу пет години преговори за заштита на податоците, Европскиот парламент гласаше во април 2016 година за да воведе систем кој подразбира авионските компании да ги чуваат имињата, телефонските броеви, методот на плаќање, бројот на резервација на седиштата и други податоци што ги оставаат патниците во заеднички систем, со цел безбедносните власти да можат полесно да ги следат осомничените. Системот за првпат ќе биде воведен за летови кон и од ЕУ, но земјите-членки може да го користат и за летови во Европа.

Поголеми политички проблеми

Како и да е, Белгија е загрижена не само од несмасното функционирање на системот, туку и од фактот дека се однесува единствено на патувањето со авион. Нема смисла да се затвори една врата, а „сите други да се остават отворени“, вели белгискиот министер за внатрешни работи Јан Јамбон. Белгија планира да ги собира и да ги евалуира податоците на сите меѓународни возови, автобуси и бродови. Исто така, во преговори е со Фрација, Германија и со Холандија. Целта на белгиската влада е пошироко собирање на ниво на ЕУ на таков тип податоци. Но предлогот не добива многу позитивни одговори, особено од компаниите кои го спроведуваат превозот со возови. Во септември, Европската железничка асоцијација ЦЕР предупреди дека проверката би имала сериозно влијание врз компаниите и би резултирала со намалување на бројот на патници. Член на Европската комисија исто така изразил загриженост дека тоа би предизвикало препреки на патувањето преку граница. Ако проверките се прават на станици, на пример, би се направиле долги редици, што би било „нова мета“ за терористите.

Deutschland Flughafen Düsseldorf Passkontrolle EU Bürger
Фотографија: picture alliance/dpa/F. Gambarini

Но има и такви кои го поддржуваат предлогот. Дневниот весник „Volkskrant“ цитираше извори од министерството за правда во Хаг кои велат дека владата на премиерот Марк Руте работи на предлог кој подразбира патниците кои ги букираат билетите на меѓународни возови и автобси да мора да покажат документ. Марин Ле Пен, претседателката на францускиот крајнодесничарски Национален фронт отиде уште понатаму.

„Оваа авантура низ две или три држави е симптоматична за целосниот безбедносен дебакл на Шенген зоната“, рече таа по нападот во Берлин.

Шведска е предводник

Дури и во случај Белгија да успее да привлече повеќе сојузници за прашањето, што станува со сообраќајот на патиштата кој исто така се одвива преку граница? Белгиските прекугранични премини веќе се опремени со камери кои ги снимаат регистерските таблички на автомобилите, но автомобил во кој има потенцијален терорист мора да биде регистриран како осомничен. Во случајот со берлинскиот напад, потерница за Амри за прв пат беше издадена 48 часа по нападот, давајќи му доволно време да помине неколку граници. Уште повеќе комлицирано е тоа што Амри, како и многумина други осомничени за тероризам, патувал со лажен пасош и користел неколку идентитети.

Deutschland Freistaat Bayern Schild Symbolbild
Германија веќе воведе контроли на границата кон АвстријаФотографија: Imago/R. Peters

Но веќе можеме да претпоставиме што се случува кога се воведуваат задолжителни проверки: Пред точно една година, Шведска и Данска го проверуваа секој кој го поминува мостот Оресунд меѓу Малме и Копенхаген со автомобил, брод или воз. Не толку поради одбрана од тероризам, туку за да го контролира протокот на мигранти во Шведска. Ова имаше значително економско влијание. Проверките на границата значат дека некои сега патуваат со часови на работните места во соседната земја. Тие дури формираа група која сега бара финансиска компензација за загубите што ги претрпеле.