1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Без напредни села, нема напредна држава!“

14 ноември 2009

На развојот на селата и земјоделството во Македонија се работи малку. Дали Македонија, нејзините општини и земјоделците ќе успеат да ги искористат во позначителна мера парите од европските претпристапни фондови?

https://p.dw.com/p/KUeu
Селата имаат потенцијалФотографија: Ajete Beqiraj

Колку повеќе се доближува Македонија кон Европската унија, толку повеќе се актуелизираат прашањата: во каква состојба се наоѓаат нејзините села и што се презема за нивниот развој? Зашто, Македонија е, практично, рурална држава и токму селата, нивите, климата, се голем неискористен резервоар со развојни потенцијали, кои можат да ја подзасилат анемичната национална економија.

60 милиони евра годишно за руралниот развој

Потпретседателот на Владата, Владимир Пешевски за Дојче веле конкретизира: „Законска определба е дека најмалку 1 процент од вкупниот брутодомашен производ ќе биде насочен кон рамномерниот регионален развој. Ако се соберат парите кои се насочуваат кон руралниот развој, според разни проекти во разни министерства, се покажува дека Владата го има исполнето тој процент. Мислам дека се 60 милиони евра годишно.“

Европската унија со 45 милиони и 500 илјади евра во рамки на петтата компонента на нејзините претпристапни фондови ќе го поттикнува развојот на земјоделството и на аграрот во Македонија во периодот до 2011 година. Најавено е дека нивното користење ќе започне од мај 2010 година. Славе Лазарев, претседател на Комисијата за рурален развој во Заедницата на општини на Македонија и градоначалник на селската општина Конче, укажува на проблемите со кои ќе се соочат земјоделците при прибирањето на овие европски пари: „Ќе бидат потребни и други начини како да им се помогне на земјоделците, особено бидејќи тие прво ќе треба целосно да ги исфинансираат овие програми, а потоа 50, односно 60 проценти од парите да им бидат вратени.“

Wiederaufbau Rataje
Македонија ќе изработи посебна стратегија за рурален развој во 2010 годинаФотографија: DW/ Pirolic

Земјоделците не можат да ги ставаат имотите под хипотека, ниту да добиваат кредити

Амбициозните програми за развој на селата и аграрот во Македонија – оние на македонската влада и на Европската унија – веќе отсега се соочуваат и со некои други практични проблеми, кои се закана парите да останат неискористени. Во врска со ова Лазарев нагласува: „Има поголем број пречки кои оневозможуваат тие финансиски средства да се искористуваат функционално. Прво, се работи за ниското образование, односно, за недоволните човечки ресурси. Потоа, за непостоењето можност земјоделците да ги ставаат своите имоти под хипотека, за да дојдат до кредитни средства. Токму ова е веројатно најголемиот проблем. Владата треба да размисли како да се отстрани овој проблем, со цел земјоделците да можат да ги реализираат своите проекти.“

Селото Теарце кое е центар на општина со 23 илјади жители, е карактеристично според многу нешта, кога се говори за проблематиката на руралниот развој. Дел од жителите во оваа мултиетничка средина оценуваат:

„Инфраструктурата е добра, недостасуваат само стопански објекти, за да се развие една основа за егзистенција, за живот.“

„Овде сум се родил, овде сакам да живеам. Се‘ имаме тука при рака – нема зошто да се бега, да се напушта селово.“

„Имаме се‘: добра почва, клима, секакви предиспозиции, само ни‘ треба финансиска инјекција сето тоа да се среди. Да ги задржиме оние што планираат да заминат, а оние што заминале - да ги вратиме.“

„Прво селата треба да се унапредат, за да можат да живеат градовите. Од каде, што ќе јадеме, ако не произведе селото? Ако нема напредно село, нема ниту напредна држава!“

„Хиерархијата од горе манипулира со доделувањето пари за општините.“

Mavrovo, Mazedonien
Руралниот развој може да биде една од споредбените предности на Македонија во евроинтегративниот процесФотографија: Petar Stojanovski

Исен Асани, градоначалник на Теарце, критички забележува: „Проекти имаме, но, горе од хиерархијата постојат манипулации, сегрегации: на која страна ќе одобруваат финансиски средства, за која општина. Која општина има пристап, можности да лобира – таа добива!“

За селата да заличат, потребни се капитални вложувања

Тетово е најголемата општина во овој регион. За замрените села, кои живеат од социјална помош од државата и од девизните дознаки на печалбарите, општинското раководство планира помош за отворање мали сточарски фарми и слични мали индивидуални бизниси. Градоначалникот на Тетово Сади Беџети околу ова вели: „Планираме со околу половина милион евра да помогнеме на таков начин во овој дел. Го правиме тоа за нивниот почеток на живот, да започнат да живеат од сопствената работа, луѓето да не ги напуштаат селата и да не се преселуваат во градот. Целта ни‘ е во секое село да имаме барем по 10–тина мали фарми со по неколку крави и друга стока.“

Што е потребно за да се засили руралниот развој во тетовско, но и воопшто во Македонија? Тони Коцевски, градоначалник на селската општина Јегуновце во овој регион, вака одговара на ова прашање: „Потребни се многу повеќе капитални вложувања во селата: во образованието, во спортот, во развојот на патиштата, водоводите, на канализационите мрежи, во електрифицирањето на селата, за да заличат како и урбаните средини според условите за живеење.“

Според националната програма за приспособување кон европското законодавство, Македонија ќе изработи посебна стратегија за рурален развој во 2010 година, откако ќе завршат анализите за неразвиените подрачја, кои се спроведуваат засилено со определување на националните приоритети. Руралниот развој може да биде една од споредбените предности на Македонија во однос на другите држави во претстојните години на нејзиното евроинтегрирање. Тој адут таа треба да го зграпчи цврсто во рацете.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска