1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без здравствено осигурување дури и во Германија

Алојз Бергер / Александар Методијев8 мај 2013

Илјадници луѓе во Германија живеат без здравствено осигурување. Затоа многу често им е недостапна медицинската помош, што често има и големи последици. Сега лекарите бараат промени и реформи.

https://p.dw.com/p/18TeF
Фотографија: picture-alliance/dpa

Болките кои ги чувствувала таа на почеток се обидувала да ги игнорира. Кога веќе не можела да издржи, повикала итна помош. Но, тие не сакале да и’ помогнат.

„Бидејќи немав здравствено осигурување бараа од мене да платам 400 евра. Толку немав“, раскажува Маријана Сантос. Потоа седнала во такси и заминала во болница во Карлсруе. Меѓутоа, помош не добила ниту таму, иако се виткала од болки.

„Во болница од мене бараа 400 евра само за прегледот, 300 евра за конкретна медицинска помош и на крај уште 400 евра за лекови“, раскажува Сантос и додава дека од германската болница заминала без никој да и’ пружи помош и притоа само што не го загубила животот.

Прашање за трошоците

Случајот како овој секако дека е еден од подрастичните, но не е единствен. Лекарите во Германија се обврзани во итни случаи да пружат помош, дури и на оние лица кои немаат здравствено осигурување, чии трошоци подоцна ги презема Службата за социјална помош. Но, бидејќи поимот итна помош не е јасно дефиниран, помошта често и не се дава. Тоа најчесто на своја кожа го чувствуваат странците.

Освен тоа, до сега не е ни сосема разјаснето прашањето дали докторите се обврзани да го пријават странецот без дозвола за престој во Германија во Службата за странци. Оваа служба порано од лекарите ја бараше оваа пријава, но во 2009 година оваа уредба се промени. Оттогаш докторите можат да се повикаат на својата обврска за чување на докторската тајна. Но, законот и за ова прашање не дава јасни одредби до кој степен докторот смее да молчи. Исто така не е јасно дали од обврската за пријавување на странците е ослободен и другиот медицински персонал, како што се медицинските сестри и болничарите.

Symbolbild Krankenkassem Karten
Без една од овие картички не е можна медицинска помошФотографија: Patrick Sinkel/dapd

Подобро да се остане болен, отколку да се биде протеран од Германија

Затоа Етичката комисија на германската Сојузна лекарска комора сега бара од сојузната влада да ги промени одредбите и законите по прашање на давање медицинска помош на лицата без здравствено осигурување.

„Не смее веќе да се случува лицата со миграциско потекло, поради страв дека ќе бидат протерани од земјата или затоа што не се осигурани, воопшто да не одат на лекар или да одат кога веќе е предоцна“, изјави овие денови Улрих Клевер од Лекарската комора.

Со тоа се согласува и Тања Кронес од споменатата Етичка комисија. Таа предлага државата да ги преземе трошоците за овие пациенти, при што самите пациенти ќе можат да останат анонимни. Според нејзино мислење, најзначајно е да се прекине можноста за поврзаност на медицинската помош со можното протерување од земјата.

Според проценките на Етичката комисија на германската Сојузна лекарска комора, во Германија во моментов живеат меѓу 200.000 и 600.000 лица без здравствено осигурување. Меѓу нив се подносителите на барање за азил, оние кои во Германија нелегално се наоѓаат, лица без државјанство, но и многу деца чии родители исто така немаат регулиран престој во земјата, потоа граѓани на некои земји од ЕУ, на пример Бугарија и Романија, како и оние кои нелегално работат во Германија, на пример на градилишта или во домаќинствата.

Malteser Migranten Medizin in Berlin
Една од хуманитарните организации кои им помагаат на пациентитеФотографија: picture-alliance/dpa

Хуманитарните организации не можат да го решат проблемот

Во многу германски градови постојат разни организации и мрежи на лекари, кои на лицата без здравствено осигурување бесплатно и анонимно им пружаат медицинска помош. Но, соработниците на овие установи велат дека пациентите ниту таму не доаѓаат навреме. Но, овие организации не можат да го решат проблемот, бидејќи ги има во поголемите градови, но не и во селата.

Случајот на споменатата Бразилка Маријана Сантос, на која и покрај акутните болки не и’ е пружена медицинска нега, според мислењето на Лекарската комора е исклучок. Младата жена два дена подоцна отпатувала во Бразил, каде во болница и‘ е утврдено дека боледува од воспаление на мочниот меур, кое ги зафатило и бубрезите. Помошта и’ е пружена, така да се каже, во последен момент. Сантос денес повторно живее во Германија – во Бон, каде работи како новинарка.

Но, таа на крајот имала среќа. Како што наведува Улрих Клевер, тоа не е секогаш така. Тој го посочува случајот на една Македонка, која боледувала од карцином на грлото на матката и можела да биде спасена. Но, откако никој не сакал да ги преземе трошоците, бидејќи таа во Германија била илегално, жената починала. Случајот како овој, како што вели Клевер, е причина повеќе за германските власти да имаат похуман однос кон лицата без здравствено осигурување.