1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Без забрани, нема спас од коронавирусот!

Феликс Штајнер
18 март 2020

Секој ден нови забрани и ограничувања на нашите слободи. До кога ќе оди ова вака? Најбрзо ќе заврши ако се придржуваме на правилата, кои се неопходни во оваа криза, смета Феликс Штајнер.

https://p.dw.com/p/3Zb4o
Deutschland Berlin | Coronavirus | Pressekonferenz Angela Merkel, Bundeskanzlerin
Фотографија: Getty Images/M. Hitij

Ако пред една недела ми го претскажевте она што канцеларката го најави во понеделникот вечерта, ќе ве исмеев. Такви драстични мерки во модерна Германија, во која индивидуалната слобода е на прво место, над сѐ друго? Незамисливо! Апсурдно! Да, во Кина тоа можеби функционира. Исто така во Иран или во Русија – насекаде каде луѓето со децении се навикнати на државни малтретирања. Но овде, во срцето на Европа? Никогаш!

Но, сега се случува тоа, и е сосем оправдано. Зашто, бројките на инфицирани во Германија и нејзините соседни земји деновиве буквално експлодираат. Никој не сака да дојдат состојби како онаа во северна Италија. Таму лекарите во речиси воени услови решаваат дали некого воопшто уште се исплаќа да го лекуваат или едноставно мора да го остават да умре.

Пораката не е стигната насекаде

А сепак, многумина уште не се свесни за сериозноста на ситуацијата. Без оглед што прес-конференцијата на канцеларката од минатиот четврток, како и оние на различни покраински премиери од петокот, беа потресувачки. Многумина мои познаници вистински се исплашија.

Steiner Felix Kommentarbild App
Феликс Штајнер

Но, очигледно тоа не беше доволно. Погледот од прозорецот на мојата дневна соба секако не е репрезентативен, но глетката во изминатите три дена беше ваква: во саботата мојот сосед, како и секоја втора сабота, отиде на куглање – друштво со сите нишани. Младите мажи од нашата улица во саботата и во неделата заеднички беа на фудбалски тренинг. И, откако училиштата од понеделникот се затворени, на улицата владее расположение слично на летен распуст. Само што сега надвор заедно играат уште повеќе деца, зашто моментно ниедно семејство не е на летување. Времето пак деновиве е прекрасно, сончево и топло. Пролет, имено.

Од повеќе германски градови стигнуваат слични слики и извештаи: преполни слаткарници и зоолошки градини во неделата, мешаница на детските игралишта, а во парковите раздвиженост како ништо да не се случува. Во секој случај, виролозите секако многу поинаку си го замислуваат ограничувањето на социјалните контакти на апсолутно нужен минимум. Токму затоа, она што не функционира на доброволна база и преку апели до разумот, сега мора да биде изнудено со забрани.

Доаѓаат уште повеќе забрани

Листата на забрани на сојузната влада и на покраините уште содржи бројни исклучоци: оттаму, во наредните денови се очекувани натамошни заострувања, тие речиси се сигурни, ако погледнеме кон Франција, Италија или Шпанија. Таму во меѓувреме во сила се вистински забрани за излегување од дома. И во супермаркетите смеат истовремено да купуваат само одреден број луѓе. Состојби кои ми се познати само од раскажувањата на моите родители и баби и дедовци за времето непосредно по војната.

Повеќе:

Ризикот за Германците поради коронавирусот е висок

Горчливата лекција на ЕУ во кризата со коронавирусот

САД и Германија во битка за вакцина за коронавирусот

Македонка од Римини: Седете дома, не ја правете нашата грешка

Сето тоа никој не го сака и тоа може, ако воопшто, да функционира само релативно кратко време. Сепак, да бидеме разумни, да се обидеме да успееме без дополнителни забрани на тој начин што конечно сериозно ќе ги сфатиме постојните правила! Точно е дека сите ние деновиве плаќаме висока цена со ограничувањата на нашите слободи. Но, многу повисока цена плаќаат сите чија економска егзистенција ќе биде уништена преку вонредната состојба. Нивниот број ќе биде дотолку помал колку што е пократко времето на вонредна состојба.

Да спасиме животи!

Највисока цена пак плаќаат оние на кои коронавирусот ќе им го земе животот. Тоа се првенствено, но не и единствено, стари и болни луѓе. Болеста може да го стигне секого од нас. И ние можеме да спасиме животи ако се придржуваме кон правилата и имаме обѕири. Затоа, да го направиме тоа!