Безредија пред косовскиот парламент
27 јуни 2013На седницата на косовскиот парламент треба да биде усвоен договорот за нормализација на односите на Белград и Приштина. Активистите на Самоопределување дојдоа пред парламентарната зграда со намера да влезат и да ја прекинат седницата. Демонстрантите фрлаа боја врз полицајците, кои возвратија со солзавец. Според неофицијални информации, има и повредени. Активистите успеаја на две места да се пробијат до зградата на парламентот, но полицијата ги спречи да влезат внатре.
Косовскиот премиер Хашим Тачи на вчерашната седница на косовската влада изрази уверување дека пратениците ќе го усвојат Законот за ратификација на Спогодбата за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија. Лидерот на Самоопределување, Албин Курти, на конференција за новинари пред два дена изјави дека Тачи заедно со Демократската партија на Косово, инсистира по секоја цена да ја ратификува Спогодбата со цел да ја подели одговорноста со останатите партии.