1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Безмилосно узурпирање на јавниот простор

Костадин Делимитов13 април 2015

Експертите веќе подолг период предупредуваат дека урбанизмот е жртва на политиката која за сопствени интереси буквално ги тргна настрана професионалците од целиот процес

https://p.dw.com/p/1F6nW
Фотографија: DW/A. Dimitriveska

Граѓаните го плаќаат цехот на градежната експанзија која полека но сигурно завладува со јавните површини, пешачките коридори, зеленилата. Посебно загрижувачка е состојбата во централното градско подрачје на македонската метропола која станува заложник на бетонот. Граѓаните со право реагираат дека веќе заборавиле што значи плоштад, кафе муабет во строгиот центар под дебела сенка, прошетка без да гледаат издигнати прегради, кранови, градежна механизација, полуизградени објекти, прашина, кал:

„Веќе немам чувство дека Скопје има плоштад. За неколку години трипати го раскопаа, една фонтана, споменици, пак нова фонтана, згради, триста чуда! Плоштадот со години е едно големо градилиште, некој изгледа заборава дека тоа е простор за луѓе, а не за вакви или онакви плочки, камења, споменици.. Кој како стигне само нешто менува, реконструира, доградува. Не оставија ни едно дрвце, ниту трева, до кога вака не знам“, реагираат неколку млади жители на главниот град во анкетата на Дојче веле.

Зошто при урбанистичките зафати воопшто или многу малку се води сметка за јавниот простор? Зошто со толкава леснотија се отстрануваат зелени површини, се сечат дрвја стари со децении? Како да се запре ваквиот тренд кој наместо да го ослободи, буквално го гуши животниот простор? Експертите предупредуваат дека централниот простор на т.н. Мал ринг веќе со години системски се деродира што посебно е изразено во последнава деценија:

„Уште во времето на Ристо Пенов како градоначалник на Скопје, кога се сменија плочките и инфраструктурата на плоштадот, што сметам дека беше коректен чин, се направи еден голем злостор. Без никаква причина, освен помрачување на свеста, ги исекоа костените кои во тоа време беа околу 35. Јас уште тогаш правев проекти за нивно вклопување во плочничката шара, но тоа беше отфрлено. Сега, една деценија подоцна, бевме сведоци на каков начин ги исекоа и последните три костени што останаа. Има традиција буквално на просељачување на градот, злоупотреба на градските просторни, амбиентални, урбанистички архитектонски посебности што трае веќе 20 години. Полека се разјадува урбаниот и културниот капитал со кој влеговме во независноста. Посебно од пред девет години е направена вистинска негативна еволуција во таа смисла. Почната е систематска злоупотреба отуѓување, киднапирање и практично уништување кое е концентрирано исклучиво на јавните градски простори и на земјиштето за општа употреба. Откога дојде на власт ВМРО ДПМНЕ веднаш почнаа серија на измени дополнувања на ДУП-те Малиот ринг и паралелно бесконечна серија на менување на законот за просторно и урбанистичко планирање, на стандардот за урбанистичко планирање, каде беа вградени сите принципи за заштита на просторите од јавен интерес, улиците, тротоарите, кејовите и плоштадите“, предупредува универзитетскиот професор Мирослав Грчев.

Skopje Bauwut im Stadtzentrum Mai 2014
Спомениците го окупираа просторот за луѓето во центарот на СкопјеФотографија: DW/N. Velickovic

Експертите веќе подолг период предупредуваат дека урбанизмот е жртва на политиката која за сопствени интереси буквално ги тргна настрана професионалците од целиот процес. Екологистите пак кои со години се обидуваат да издејствуваат институционална заштита на зелените површини како да губат здив, иако велат дека нема да се предадат во намерата да се донесе долгонајавуваниот закон за урбано зеленило:

„Имаме проблем со тоа што зелените површини треба институционално да се заштитат преку закон. Во него треба да се утврди дека на ниво на град треба да има 25 метри квадратни зеленило по жител, 10 до 30% зеленило на градежна парцела, стандарди кои порано постоеле, но со осамостојувањето на Македонија се исчезнати. Од моментот на носење на законот се што е предвидено да биде зеленило нема да може да се користи за градба. Планиран е и зелен катастар, да се изработи како јавен документ достапен на интернет. Попис на зеленило, регистрација и тогаш точно ќе знаеме што и зошто се сече, дали е старо, болно, дали законски се сече. За овој закон се бориме 4 години, текстот е готов веќе две години, помина на сите расправи, доби поддршка на сите нивоа но не и од политиката. Во меѓувреме ги усогласивме забелешките, и заедно со министерството за транспорт го допеглавме текстот. Веќе во среда имаме средба со ресорниот министер да го презентираме и со господ напред до крајот на неделава очекуваме тој да влезе во собраниска процедура“, вели за Дојче веле Лилјана Поповска претседател на ДОМ, или популарно наречената Зелена партија во Македонија.

Mazedonien Skopje behördliche Anordnung zum Gebäudeabriss
Фотографија: Petr Stojanovski

Но зошто политиката не поддржува ваков закон, дали неговото носење во ваква форма е веќе задоцнето решение?

„Зошто не сакаат? Па, по се` што дознавме и слушнавме во последниов период може само да се претпостави. Законот ќе спречи узурпации на зелени површини, на воздухот на граѓаните. Ништо не е задоцнето, зашто секогаш може да биде полошо. Дополнително инсистираме со закон да се воведе и институцијата градски архитект бидејќи гледаме дека е проблем кога урбанизмот е оставен во рацете на политиката, а не на професионалците. Предложивме закон за градски архитект и совет на градски архитекти, но пак на договорено не доби политичка поддршка во собранието“, реагира Поповска.

Но не само во Скопје, проблемот со урбанизмот и почитувањето, однонсо непочитувањето на јавните површини е карактеристика и на повеќе градови во внатрешноста. Експертите предупредуваат дека е крајно време при планирањето на животниот простор повеќе да се води сметка за еколошките ефекти, отколку за бизнис интересите на поединци.