1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајден ни се извини, ниту се покаја

Драгослав Дедовиќ/превод:БГ18 август 2016

Потпретседателот на САД, Џо Бајден во деведесеттите бараше американските бомби што побрзо да паднат врз Белград, а завчера им изрази сочуство на семејствата на жртвите. Што значат тие зборови по 17 години?

https://p.dw.com/p/1Jk6u
US Vizepräsident Biden zu Besuch in Serbien
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Sulejmanovic

Од добрите момчиња во секојдневието очекуваме да се извинат кога некому случајно ќе му стапнат на нога. Или намерно бомбардираат некоја земја. Бајден не се извини, туку им изрази соучество на семејствата на жртвите. Тешко дека луѓето во Варварин можат да го прифатат тој гест на добра волја.
Бидејќи доаѓа предоцна и бидејќи насетуваат дека не е доволен, бидејќи не содржи вистинска емпатија, туку е дел од формулата за изразување на моменталните политички очекувања на Белград и Вашингтон. Станува збор за односи меѓу држави, а не за вистинско човечко сочуство.
Оттука, изјавата на Бајден не подразбира ни извинување, ниту покајување. Обама не се покаја поради Хирошима, зошто Бајден би се каел поради Варварин? Политичарите употребуваат морални скрупули како што музичарот ги бира типките на клавијатурата. Некој, навистина, знае да ја промаши интонацијата, но доколку човек му поверува дека на политичарот му е жал кога вели дека му е жал – тој е неизлечиво политички наивен. Во овој случај, станува збор за ситна политичка отстапка кон Вучиќ која најавува покрупни отстапки од Вучиќ. Вашингтон очекува од Белград, на пример, топење на односите со Приштина сѐ до признавање на независноста и истовремено заладување на односите со Москва.
Тоа е рационалното јадро на изјавата на Бајден која во српската традиција има смисла во првите 40 дена, а по 17 години станува куриозитет, а не политички настан. Затоа не е чудно што, според првите анкети, речиси 90 отсто од граѓаните сметаат дека изјавата на Бајден нема ништо да смени во српско-американските односи, или дури и ќе ги влоши.

Dragoslav Dedovic Kommentarbild App
Драгослав Дедовиќ

Секогаш се каат најдобрите

Но, постои еден вид псевдорелигиско очекување на добрите луѓе според кое, изразот на жалење е првиот чекор кон вистинско помирување. Вовед во вистинско каење, признавање на вината и искрено извинување. Кое на крајот ќе доведе до катарза на извршителот и жртвата, па во таа христијанско-холивудска верзија тие прегрнати ќе се насмеат кон камерата, додека сите ние во публиката кришум ќе ги бришеме солзите кои предавнички паѓаат.
Тој вид на духовен став, доколку е искрен, има свое милитантно јадро. Политичарите кои се каат над гробовите на жртвите за чие произведување и самите се делумно одговорни, не се толку ретка појава. На сите, кога ќе се спомене политичко каење, пред очите им е Вили Брант кој клекна во Варшава. Притоа забораваат дека Брант никогаш лично не беше одговорен за ниту една полска или еврејска жртва, бидејќи беше противник на Хитлеровата политика и емигрант. Тој врз себе ја презема туѓата вина. Секогаш искрено се срамат погрешните, секогаш се каат најдобрите – оние на чии раце нема крв.
Сепак, признавам дека е подобро жалењето на Вучиќ поради сребреничките жртви во оваа деценија, отколку неговото повикување на пресметка со „непријателите на српството“ од деведесеттите. Подобро е кога хрватскиот претседател ќе го посети Јасеновац и ќе изрази жалење поради жртвите, отколку кога – како во деведесеттите – свесно ќе го сведе бројот на жртвите на карикатурална нумеричка вредност.
Конечно, не е само по себе лошо тоа што го кажа Бајден.
Мојот проблем со Бајден почнува во интерпретацијата која ја предизвика. Од западна перспектива малиот чекор на Бајден се заканува да се претвори во посакуваниот голем чекор за човештвото. Од перспективата на многу луѓе во Србија, кои ги покажуваат првите реакции на социјалните мрежи, нема да се реши речиси ништо во амбивалентните српско-американски односи, па и ако се промени, тогаш тоа нема да биде во позитивна насока. Од аспект на Американците, Бајден пружи рака, а српската страна не верува во тоа што му го пишува на дланката. И најголгото патување почнува со првиот чекор, вели кинеската поговорка. Втората, неискажана половина на поговорката вели дека овој прв чекор направен врз основа на актуелната политичка логика ќе значи и прилично безначајно патување.