1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Басеску се врати на должноста

ЖА/афп/миа28 август 2012

Два месеца по суспендирањето, романскиот претседател Трајан Басеску денеска (28.08.2012) повторно ја презеде претседателската функција. Меѓу Басеску и премиерот Виктор Понта со месеци се води битка за моќ.

https://p.dw.com/p/15y20
Фотографија: Reuters

Трајан Басеску денеска се врати во претседателската палата во Романија, откако беше отстранет од должност, и сега ќе може да го продолжи мандатот освоен на претседателските избори во 2009. година.

Враќањето на Басеску на претседателското место во Романија доаѓа откако вчера пред Парламентот беше соопштена одлуката на Уставниот суд, со која резултатите од референдумот за отстранување од функцијата на претседателот Басеску беа прогласени за невалидни.

Пред пратениците и сенаторите беа претставени резултатите од спроведениот на 29. јули референдум за отстранување од функцијата на Претседателот на Романија Трајан Басеску. Централната изборна комисија објави дека излезноста на референдумот била нешто повеќе од 46 проценти, а околу 88 проценти од гласачите се изјасниле за отстранување на Басеску. Според законските одредби, резултатите од референдумот се валидни ако на него учествуваат минимум 50 проценти плус еден од вкупниот број лица со право на глас.

На 21. август Уставниот суд на Романија објави дека резултатите од референдумот се невалидни, што значи дека Трајан Басеску ќе се врати на претседателската функција.