1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бан Ки Мун во посета на Македонија

ЖА/макфакс/миа24 јули 2012

Генералниот секретар на Обединетите Нации Бан Ки Мун денеска попладне пристигнува во Македонија, во рамки на неговата неколкудневна посета на земјите од екс-Југославија.

https://p.dw.com/p/15dm5
Фотографија: Reuters

Предвидено е првиот човек на светската организација, придружуван од посредникот во македонско-грчкиот спор за името Метју Нимиц, утре рано наутро во Охрид да се сретне со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, по што ќе следи прошетка низ градот. Потоа Бан заминува за Скопје каде се предвидени средби со премиерот Никола Груевски и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски. Предвидено е и Бан Ки Мун да се обрати пред македонските пратеници.

Во посетата на првиот човек на светската организација на Македонија, заедно со медијаторот Нимиц, од МНР гледаат потврда за важноста што Бан ја придава на дведеценискиот спор меѓу Скопје и Атина.

UN Vermittler Matthew Nimetz in Skopje
Метју НимицФотографија: MIA

„Фактот што во придружба на г-динот Бан Ки Мун ќе допатува и неговиот специјален претставник за спорот за името Метју Нимиц, го гледаме како потврда на важноста што генералниот секретар на ОН ја придава кон што побрзо разрешување на ова прашање и изнаоѓање начин за интензивирање на процесот. На генералниот секретар и посредникот Нимиц ќе им биде повторен нашиот конструктивен приод и решителност за што побрзо изнаоѓање на заеднички прифатливо решение во врска со спорот со името", соопштија од МНР во пресрет на доаѓањето во Македонија на Генералниот секретар на ОН.

Како што соопшти порано канцеларијата на медијаторот Нимиц, од Скопје тој на 26-ти јули ќе замине во Солун на средба со грчкиот претставник во разговорите за името амбасадорот Адамантиос Василакис, кој потоа треба да ја брифира грчката влада.