1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканскиот трик на Меркел

26 септември 2016

Германската канцеларка Ангела Меркел ретерира во бегалската политика. Таа својата реченица „ќе успееме“ ја смени во „Германија ќе остане Германија“, пишува германскиот печат по средбата за бегалците одржана во Виена.

https://p.dw.com/p/2Qa9R
Wien  Angela Merkel  Donald Tusk EU Gipfel Balkan Route
Фотографија: picture-alliance/dpa/C.Bruna

„Понекогаш она што личи на чекор назад, е всушност напредок. Канцеларката Ангела Меркел на средбата во Виена (...) се изјасни за поостри контроли на Балканската рута. Дали тоа не е во спротивност со нејзиниот став дека затворањето на границите е опасно за ЕУ? Не. Меркел се изјасни против еднострано, национално затворање на гранците. Сега во Виена, пак, е договорено во обезбедување на границите да биде вклучена и ЕУ-агенцијата за заштита на граници, Фронтекс. Тоа е сосема поинаку отколку кога самонаречени национални 'гранични патроли', кои можеби се составени дури и од групи со деснорадикална ориентација, без мандат на ЕУ ловат бегалци и ги враќаат назад. Ангажманот на Фронтекс досега кај дел од државите на ЕУ наидуваше на жесток отпор. Тие во тоа гледаа 'окупаторски сили', кои под команда на Брисел би можеле да дејствуваат против интересите на дадените држави. (...) Меркел сега, барем делумно, ги распрсна тие стравови. Таа тоа го стори заедно со владите кои во бегалската политика не припаѓаат на групата која вели 'не'. Словенија, на пример, е дел од земјите кои се отворени кон помошта за бегалците. Ангажманот на Фронтекс е пример за заедништвото на Европа, пример дека и во тензична атмосфера со упорност може да се издејствува европска солидарност. Балканскиот трик на Меркел на средбата во Виена во тој дел значеше голем напредок“, коментира „Велт“.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ оценува:

„Претседателот на Советот на ЕУ Доналд Туск истакна дека Балканската рута мора да остане засекогаш затворена за илегална миграција. Но, тоа не менува ништо во фактот дека Европа останува отворена, дека како најголем трговски простор на светот мора да остане отворена. Но луѓето, стоките, услугите и капиталот во Европа можат слободно да циркулираат само ако има ефикасна контрола на надворешните граници.“

Според „Минхнер Меркур“ мерките што се договорени во Виена се одамна неопходни:

„Балканската рута, чие затворање канцеларката остро го осудуваше сѐ до пролетва, сега - со нејзин благослов - треба да биде затворена од страна на ЕУ-граничарите. Доселениците кои доаѓаат преку Египет и Либија треба веднаш да бидат враќани назад. 'Канцеларката на бегалците' веќе не сака да слушне ништо за хуманитарните императиви и за реченицата 'ќе успееме'. Таа сега зборува за 'илегална миграција', протерувања, договор за репатријација. Сега канцеларката има ново ветување: Германија ќе остане Германија.“

Обработка: ЕМФ