Балканот е интегрален дел од Европа
29 јуни 2007Од Охрид е упатена јасна и недвосмислена порака содржана во зборовите на Генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер „Балканот е интегрален дел на Европа и наша цел мора да биде на крајот сите балкански земји да добијат полноправно членство во семејството на евроатланските институции. Целосната евроатланска интеграција ја гледам како единствен пат по кој можат да одат земјите од регионот. Но јасно е и дека тие се на различен степен на развој во подготовките за одговорностите што ги носи таквото членство.“
Земјите од Јадранската група заеднички се подготвуваат за членство но нивните постигнувања ќе бидат оценувани индивуално. Со поглед кон нив Шефер рече „Моја порака за сите апсиранти за членство во НАТО е ако вие целосно ги исполните барањата на Алијансата за реформи, тогаш Алијансата тоа и ќе го награди.“
Шефер од говорницата им се обрати и на новите членови на програмата на НАТО партнерство за мир. „Иако Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија релативно доцна му се приклучија на партнерството им порачувам: искористе те ги сите предности од програмите за кооперација кои ви се нудат. Сакаме да ги уживате истите изгледи за евроатланска интеграција кои веќе ги уживаат вашите соседи во регионот.“
Јасни зборови Шефер искажа и во оснос на Косово. Ако не се најде решение ќе биде забавен развојот како и евроатланската интеграција за целиот регион. Основа за решение е планот на Марти Ахтисари. НАТО и партнерите ќе останат таму за да ја гарантираат безбедноста и стабилноста „16 илјади мажи и жени од КФОР се таму за да ја гарантираат климата на сигурност и стабилност. Никој не смее да има никаква илузија дека ќе може да ја промени ситуацијата по насилен пат. КФОР е тука за да го спречи тоа и ќе го спречи.“
Политичката одлука за Косово мора да ги елиминира потенцијалните закани
На проблемот со Косово се задржа и македонскиот премиер Никола Груевски кој зборуваше на пленарната седница. „Политичката одлука за Косово и неговиот статус мора да ги елиминира постоечките и потенцијалните закани и да придонесе кон севкупната стабилност и просперитет на регионот. Паралелно политичките одлуки на земјите членки на Алијансата за што поскора целосна евроатланска ингерација на регионот ќе бидат круцијални за почетокот на комплетирањето на тој процес. Со приемот на трите кандидати Македонија, Хрватска и Албанија на Самитот во Букурешт во април 2008 година .“
Груевски е уверен дека Македонија во април наредната година ќе добие покана за членство, а за тоа наведе уште еден аргумент „ Можам да ве уверам дека таквата соработка, силната посветеност и верба кон споделените евроатлански вредности им се многу блиски на граѓаните на Република Макеоднија. Анкетите од март оваа година покажуваат дека дури 92 проценти од граѓаните го поддржуваат што поскорото членство на својата земја во евроатланското семејство. “
Инаку интересно е дека Јап де Хоп Шефер во ниту еден момент не ја именува Македонија како Република Македонија туку како вашата земја или како Поранешна Југословенска Република Македонија. На прес конференцијата запрашан во врска со ова рече само дека во моментов е таква формална состојба во врска со името, но тоа прашање не е во мандат на НАТО. Искажа истовремено и надеж дека инволвираните страни ќе најдат решение за пробелмот.
Во Охрид продолжува вториот и завршен дел во дебатата во панели и ќе биде интересно да се слушне дали ќе има и мислења кои отстапуваат од насоките одбележани од генералниот секретар на Алијансата.