1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баерн понижен во Барселона

9 април 2009

Баерн од Минхен во Барселона го доживеја најтешкиот пораз во досегашните настапи во Лигата на шампионите. Надежите на навивачите сега се насочени кон Хамбругер и Вердер кои денеска играат во купот на УЕФА.

https://p.dw.com/p/HTUT
Фотографија: AP

Германската спортска јавност очекува на денешните први четврт-финални натпревари против Манчестер сити и Удинезе, преостанатите две германски екипи во купот на УЕФА, да се борат до последен здив. Имено доколку Хамбургер ја мине пречката наречена Манчестер сити, ќе биде чекор понапред до освојувањето на единствениот европски пехар кој недостасува во клупските витрини, со оглед дека екипата веќе ги имаа освоено Купот на европските шампиони и купот на победниците на куповите. За Вердер од Бремен, пак, успехот во купот на УЕФА е единствена шанса во оваа слаба сезона да се обезбеди излез на меѓународната сцена во наредната година.

HSV Hamburger SV Fans
Навивачите на Хамбургер подготвени да го дочекаат Манчестер ситиФотографија: picture-alliance/ dpa

И Хамбургер и Вердер првите натпревари ги играат на домашен терен, а реваншите ќе се играат во Манчестер и во Удине, наредниот четврток. Денеска во Купот на УЕФА се играат и француско-украинските четврт-финални дуели Парис Сент Жермен- Динамо Киев и Шахтјар- Марсеј.

Румениге: „Вистинска бламажа“

Германскиот клупски фудбал денеска може да си го обели образот, по вчерашниот понижувачки пораз кој го доживеа актуелниот шампион во Бундеслигата, Баерн од Минхен во Барселона во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите. Победата на Барса од 4:0 и пред се’ надмоќта што ја демонстрираше тимот на Пеп Гвардиола, се доволни докази дека со реваншот во Минхен, наредниот вторник, веројатно ќе заврши и годинешниот настап на Баварците во европските купови. Тоа уште вчера му беше јасно на претседателот на управниот одбор на клубот од Минхен, Карл Хајнц Румениге:

Champions League München gegen Barcelona
Извонредниот Лионел Месе постигна два гола против БаернФотографија: AP

„Со овој натпревар ние се разбира веќе сме надвор од Лигата на шампионите - тоа е јасно. Сега мораме во Бундеслигата да спасиме што може да се спаси - и тоа е јасно“, рече Румениге, кој оцени дека Баерн доживеал вистинска бламажа во Барселона.

Каталонците ги постигнаа сите четири гола уште во првото полувреме, но убиствената напаѓачка тројка Меси, Анри и Ето можеше да постигне уште најмалку толку голови.

Баерн беше безопасен и немоќен

Jürgen Klinsmann frustriert in Wolfsburg
Незадоволството од работата на Клинсман растеФотографија: AP

„ Барселона денеска прикажа супер-фудбал и ни покажа до каде се нашите граници“, изјави одбранбениот играч Кристијан Лел по мечот.

По вчерашните 0:4 и саботните 1:5 против Волфсбург во Бундеслигата, се’ погласно е незадоволството на навивачите од работата на тренерот Јирген Клинсман.

„Тој не ги оствари неговите ветувања дека секој играч секој ден ќе биде подобар. Не излезе така“, разлутено реагира еден навивач на Баерн по вчерашниот меч.

Меѓутоа, одговорните во Баерн во моментов не сакаат да се води јавна дискусија околу тренерската позиција.

„Не сакам по секој натпревар, по секој пораз, да давам оценки за Јирген Клинсман“, изјави Румениге.

Инаку вчера, во англискиот четврт-финален дуел во Лигата на шампионите, Челзи успеја да го скрши малерот на „Енфилд роуд“ и да слави на гости против Ливерпул со 3:1.

Автор: ДВ/СИД/ Симе Недевски
Редактор: Жана Ацеска