1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баерн гази сигурно

30 јануари 2006

Во Германија започна вториот дел од фудбалското првенство со галоп-старт на лидерот на табелата Баерн од Минхен. Нови победници на тенискиот грен-слем во Мелбурн се Роже Федерер и Амели Морезмо. Германија обезбеди настап во натамошните натпревари на европското првенство во ракомет што се игра во Швајцарија.

https://p.dw.com/p/AejY
Селекторот на германските ракометари Хајнер Бранд
Селекторот на германските ракометари Хајнер БрандФотографија: AP

Во Германија повторно се игра сојузен фудбал. Започна вториот дел од првенството со уводниот натпревар во петокот меѓу домаќинот Борусија од Менхенгладбах и Баерн од Минхен. Есенскиот првак и најсеризоен претедент за нова титула, што би била јубилејна 20-та, Баерн, во ниту еден момент не беше загрозен. Со убедлива игра стигна до победа од 3 спрема 1. Тренерот на победничката екипа Феликс Магат задоволен:

„Имавме предност што веќе одигравме значаен натпревар во купот. Тоа ни обезбеди да добиеме во ритам што се потврди и на овој натпревар„.

По долгата суша, се разигра и стрелецот Рој Макаи кој постигна два гола:

„Ми падна товар од рамената, но ја имав поддршката од сите фудбалери и од тренерот„.

Во саботата се одиграа уште шест натпревари. Досегашниот упорен тркач по Баерн, Хамбург го загуби натпреварот и ритамот. Беше поразен од екипата на Нирнберг која се бори за опстанок, со 2 спрема 1. Тренерот на поразениот Хамбург, Томас Дол незадоволен од играта на своите:

„Натпреварот го загубија поединци кои само гледаа што се случува, иако во второто полувреме имавме шанси. Нашиот противник играше поагресивно и со повеќе страст„.

Во другите саботни натпревари беа постигнати следниве резултати:

Баер од Леверкузен – Ајнтрахт 2 спрема 1, Борусија Дортмунд – Волфсбург 3 спрема 2, Херта Берлин – Хановер 1 спрема 1, Штутгарт – Дуисбург 0 спрема 1 и Мајнц – Келн 4 спрема 2. Со овој пораз Келн падна на претпоследното место, по 13 кола без победа. Не помогна многу ниту новиот тренер, Швајцарецот Ханспетер Латур пред кого стои голема работа и неизвеност дали ќе го спаси тимот од излегување:

„Загубивме важен натпревар, но тоа мора веднаш да се заборави и да се гледа напред. Извесно време бевме во водство, но четирите голови во нашата мрежа се јасен показател„.

Синоќа се одиграа и последните два натпревара во кои гостите беа поуспешни. Шалке го совлада Кајзерслаутерн на негов терен со 2 спрема 0, додека Вердер ја победи Арминија во Билефелд среќно со 1 спрема 0. Фудбалерот на Вердер, Кристија Шулц тоа го признава:

„Во последните десет минути добро не притиснаа и имаа добри шанси, но на крајот се цени резултатот, па ние сме оние среќните„.

На табелата убедливо води Баерн со 47 бодови. Сега Вердер е втор со 39, а Хамбург се симна место подолу и има 38. Шалке се одржува на четвртото место со 34. Овие три екипи ќе чекаат кикс на Баерн, па да му се приближат на совладлива дистанца.

Од врвниот тенис. Во Мелбурн професионалците го завршија првиот грен-слем турнир на кој целта први ја минаа: во машка конкуренција Швајцарецот Роже Федере кој во финалето го совлада изненадувањето на турнирот, Кипранинот Маркос Багдатис со 3 спрема 1 во сетови. Федерер, кој вчера го освои седмиот грен-слем, по Пит Сампрас е вториот што победува на три големи турнури едноподруго.

Во женска конкуренција прва на целта Французинката Амели Морезмо што е прва победа на еден грен-слем турнир:

„Многу долго го чекав ова и вистина напорно работев. Сега постигнав се што сакав во мојата кариера. Да бидам број еден и да победам на грен-слем. Многу сум горда на тоа„.

На ракометното европско првенство во Швајцарија, германската репрезентација иако ја брани титулата, не допатува како фаворит поради генерациската обнова на екипата. Сепак со една победа, еден нерешен натпревар и еден пораз, успеа да се пласира во завршните натпревари во две групи.