1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аутсајдери на врвот, фаворитите на дното

13 септември 2010

Кој пред почетокот на сезоната можеше искрено да смета на ваков изглед на табелата во Бундеслигата? Хофенхајм и Мајнц на врвот, додека шампионот Бајерн е само 11. , а вицешампионот Шалке се’ уште чека на првиот бод.

https://p.dw.com/p/PAuV
Сцена од мечот Хофенхајм - ШалкеФотографија: AP

Првите три кола од германската фудбалска лига повторно ветуваат возбудлива сезона. Ако се суди според статистиката, условно кажано големите тимови, кои впрочем потрошија најмногу пари и донесоа најзвучни засилувања, Шалке, Волфсбург и Штугарт, веќе немаат шанси да станат прваци. Имено, никогаш досега во историјата на Бундеслигата, еден тим кој ги загубил првите три натпревари не успеал да ја освои шампионската титула. А овие три тима, кои во моментов се на самото дно на табелата, за време на викендот го загубија и третиот одигран натпревар.

Fußball Bundesliga Borussia Dortmund - VfL Wolfsburg
Борусија Дортмунд му го нанесе третиот пораз на ВолфсбургФотографија: dapd

Магат е трпелив

Шалке нагости загуби од лидерот на табелата Хофенхајм, кој покажува игра како пред две сезони, кога како новајлија во лигата стана есенски првак. Феликс Магат тренерот на екипата од Гелзенкирхен за која во нападот покрај Раул дебитираше и засилувањето од Милан, Хунтелар сепак и натаму е трпелив: „Со ваква тактика и состав игравме за првпат. Затоа треба високо да се цени тоа дека долго добро му париравме на лидерот на табелата и покажавме добра игра.“

Штутгарт, пак, загуби во Фрајбург со 2:1, а Волфсбург кој потроши најмногу пари во преодниот рок третиот пораз претрпе на гостувањето во Дортмунд од убедливата Борусија.

Бајерн: Виновна е ФИФА

За лош старт се говори и кај шампионите во Минхен. Раководството на Бајерн вината пред се’ ја гледа во ФИФА и во УЕФА и квалификациските натпревари, поради кои тренерот Луис Ван Гал остана без 14 играчи. По три кола, Бајерн има само четири бода на 11 место, а беше неубедлив викендов на домашен терен во ремито без голови против Вердер. „Кога дома ќе се одигра 0:0 не може да се биде задоволен, исто како и кога од три натпревари ќе се освојат само четири бодови“, изјави по мечот играчот на Бајерн Филип Лам.

Fußball Bundesliga Hannover 96 - Bayer 04 Leverkusen
Михаел Балак се здоби со нова повреда на мечот до ХановерФотографија: dapd

Шок во Леверкузен- тешка повреда на Балак

Први три бодови сезонава освои Келн со новиот капитен Лукас Подолски, кој на домашен терен против Санкт Паули славеше со 1:0. Хамбургер, пак, ги загуби првите два бода, откако по двете почетни победи ремизираше со Нирнберг. Нерешено 2:2 одигра и Бајер Леверкузен со Хановер, но уште поголем шок е повредата на најголемото засилување сезонава Михаел Балак, кој нема да може да настапува во наредните шест недели. Најголемо изненадување приреди Ајнтрахт Франкфурт со победата од 4:0 на гости против Борусија Менхенгладбах, која само пред едно коло го совлада Бајер во Леверкузен со 6:3.

Мајнц победува и не гледа на табелата

1. FSV Mainz 05 gegen 1. FC Kaiserslautern
Сцена од мечот Мајнц- КајзерслаутернФотографија: picture alliance/dpa

И конечно Мајнц, на македонскиот репрезентативец Николче Новевски, се надоврза на успешниот старт и ја славеше третата победа во третиот натпревар и се наоѓа на второто место на табелата со ист број бодови како лидерот Хофенхајм. Голманот Кристијан Веткло е скромен и не сака да се преценува овој момент: „Ние не гледаме на табелата. Таа воопшто нема значење по само три кола. Меѓутоа, ние веќе собравме девет бодови за спас од испаѓањето од лигата.“

Автор: Тобиас Елмајер/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска