Астероидот безбедно мина - Русија се справува со последиците од метеорот
16 февруари 2013Астероидот широк 45 метри мина над Земјата во правец од југ кон север. Европската вселенска агенција информираше дека нејзините експерти утврдиле дека нема поврзаност меѓу овој објект и оној кој експлодираше во небото над Русија. Рускиот астроном Сергеј Барабонов рече дека нема доказ дека метеорот се движел по истата патека како и астероидот.
Над 24.000 луѓе учествуваат во отстранувањето на последиците од метеорскиот дожд во руската Чељабинска област, јавија локалните власти. Според најновите податоци, повредени се 1.200 лица, од кои 50 се на болничко лекување. Најголем дел од повредите се исеченици од разлетаните стакла.
Материјалните штети се проценуваат на над една милијарда рубљи (33 милиони долари). Оштетени се прозорците на над 4.000 згради во регионот, а најмногу во главниот град со истото име. Мала армија работници се обидува да замени 200.000 метри квадратни скршени прозорци, кои се распрснаа под притисокот од експлозијата на метеорот.
Гувернерот на Чељабинската област Михаил Јурјевиќ изрази уверување дека сите сопствениците на оштетените објекти ќе бидат обесштетени.
Во текот на денешниов ден нуркачи се упатија кон дното на локалното езеро со цел да најдат остатоци од метеорот. Властите за сега не информираат дали се пронајдени остатоци од 10-тонскиот метеор. Некои од руските функционери, по распрскувањето на метеорот над Урал, побараа создавање на глобален систем за одбрана од вселенски објекти.