1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Арт Колоњ“ во насока - надолу

26 април 2009

Во Келн денеска (26.04.2009) завршува традиционалниот пролетен саем на уметноста „Арт Колоњ“. Оваа година на него излагаат 184 галерии од дваесетина земји.

https://p.dw.com/p/HeUV

На влезот на „Арт Колоњ“ ве пречекува статуата на паднатиот Икар. Бронзениот колос, дело на уметникот Стефан Балкенхол, е висок шест метри, нуди импозантна слика и почеток на програмата на скулптури, која ја воведе новиот директор на саемот, Даниел Хуг: „За мене беше важно Арт Колоњ повторно да добие свој лик. Скулптурите на посетителите им даваат прв впечаток за саемот“, вели Хуг.

Арт Колоњ и натаму бележи надолен тренд. Оваа година учествуваат 50 проценти помалку излагачи од лани. Но, девизата на Даниел Хуг гласи: квалитет наместо квантитет. Новиот шеф на саемот се надева дека ќе го запре назадувањето. Сепак, финансиската криза се чувствува и овде. Многу галерии се принудени да ги затворат вратите, а најпогодена е современата уметност.

Лаже оној кој тврди дека не се плаши

Галеристот Петра Ринк претставува дела на млади уметници, кои чинат помалку од 5 илјади евра: „Ова ми е втор саем, а веќе на првиот почувствував, низ разговорите со другите галеристи, дека побарувачката опаѓа. Како ќе биде натаму во Келн, не се знае. Тие кои велат дека немаат стравувања, лажат.“

Art Cologne 2009
Арт Колоњ 2009Фотографија: DW / Gorokhov

Галеристот Кристијане Нагел, која има филијали во Берлин и Келн, тврди дека работите слабо одат од септември 2008 година. Сепак, не дозволува економската криза да и` го расипе доброто расположение: „Мојот штанд е секогаш ист, прикажуваме големи формати, во одреден дел и дела кои не мора безусловно да бидат продадени. Имаме многу слики со потпис, големи скулптури. Галеристот Франц Фон Салис изложува слики на Пабло Пикасо, Макс Ернст и Габриеле Минтер.“ Една слика - Мртва природа од Аугуст Маке - тој ја продава за 1,3 милиони евра и се надева дека сепак ќе најде купувач: „Верувам дека уметничкиот пазар има голема шанса, зашто првпат на него се гледа посериозно отколку, на пример, на недвижнините.

Очигледно, поминаа времињата кога саемот во Келн даваше тон на светскиот пазар на уметнички дела. Но, на саемот во Келн ионака никој не стреми кон Икаров лет кон сонцето. А, тоа сепак, не е причина саемот во Келн да се крие.

Автор: Сабине Елце / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска