1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ароганцијата се здружи со непотизмот во Белата куќа

Михаел Книге
29 март 2017

Потегот на Доналд Трамп да го постави својот зет Џеред Кушнер на клучна позиција на моќ е непромислен. Тоа дополнително го намалува кредибилитетот на администрацијата и може да наштети на функционирањето на владата.

https://p.dw.com/p/2aCQR
USA Donald Trump und Jared Kushner
Фотографија: picture-alliance/CNP/O. Douliery

Кога некој автокграт во некоја банана држава ги поставува членовите на семејството на важни владини позиции, на западот таквиот потег вообичаено се критикува како непотизам. И со право. Со драстичното проширување на ингеренциите кои во администрацијата на Трамп ги има неговиот зет Џеред Кушнер, претседателот на САД го прави сосема истото. И затоа е наша должност тоа да го наречеме: непотизам.

Да бидам фер, Кушнер, кој го опишуваат како паметен бизнисмен, својот успех го има постигнато во истото поле како и неговиот дедо, во недвижнини. Исто така треба да се потенцира дека Кушнер не добиваше плата за претходната позиција во Белата куќа, како постар советник на претседателот и веројатно нема да биде компензиран за новата позиција како претседател на работната група чија задача е да го реструктуира работењето на владата.

Моќна двојка во Белата куќа

Длабоко загрижувачки е тоа што двајца членови од најтесното семејство на претседателот, неговата ќерка и зет, се цврсто позиционирани во Белата куќа како клучни советници на претседателот на кои им се доверени важни задачи. Иако некои медиумски извори наведуваа дека Кушнер би се откажал од позицијата на претседател на неговата компанија, тоа до сега не се случи. Наместо тоа, како што е пракса и со многумина други вработени во администрацијата, кога станува збор за избегнување на потенцијални случаи на конфликт на интереси помеѓу нивните политички улоги и бизнисите, тој се обидува да оди по тенката линија на она што е легално дозволено и она што не е.

Michael Knigge Kommentarbild App
Михаел Книге

Исто така загрижувачки е фактот што Кушнер, како неговиот дедо, нема претходно политичко искуство кое би го подготвило за последната, мамутска задача која му е доверена – реструктуирање на владата. Дополнително, Кушнер е веќе главниот човек на Трамп за важни прашања, за чие решавање, во нормални ситуации се потребни повеќе искусни професионалци. Такви се на пример мировниот процес на Блискиот исток и преговорите за трговски договор.

Уништување наместо реформа?

Како, високо талентирана личност како Кушнер, би можела да управува со толку голем број ингеренции и должности и истовремено да се очекува успех – иако се очекува во својот тим да доведе луѓе од бизнис заедницата во Њујорк. Веројатно реструктуирањето на владата не е главната задача за Кушнер и компанија– како што внатре во администрацијата го нарекуваат неговиот тим, опис што потсетува на имињата на специјалните полициски единици во американската полиција. Таквите тимови се користат за брзо решавање на критични ситуации, притоа користејќи сила кога е неопходно.

Доколку истото се примени за Кушнер и останатите, ова значи дека задачата на групата е повеќе проект за рушење отколку обид за реформа. Тоа нема само да и наштети на администрацијата на Трамп, туку ќе биде штетно и за визијата за влијателна Бела куќа на советникот Стив Бењон, кој јавно изјави дека сака да сруши сѐ, особено административната држава. Ништо од ова не е добро за иднината на администрацијата на Трамп и за клучната улога која функционалната влада ја има во американските животи.