1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Армијата и дипломатите се свртеа против Гадафи

Goran Cutanoski22 февруари 2011

Режимот на Моамер ел Гадафи се’ повеќе ја губи контролата над земјата. Според непотврдени извештаи се’ поголеми делови од армијата се вртат против него. Во меѓувреме и либиски дипломати во странство му откажаа послушност

https://p.dw.com/p/10LbQ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Наспроти обидите на воените сили, кои му се верни на претседателот Моамер ел Гадафи, да ги задушат протестите, тие се’ повеќе се шират. Повеќе градови на истокот на земјата се под контрола на критичарите на режимот, а во вториот град по големина Бенгази на страната на демонстрантите минале цели воени единици.

ТВ станицата Ал Џазира информираше дека военото воздухопловство нападнало демонстранти во Бенгази и во главниот град Триполи. Ваквите вести ги демантираше синот на Гадафи, кој посочи дека авионите бомбардирале само складишта за муниција кои биле надвор од населени места.

Unruhen in Libyen
Фотографија: AP

Во знак на протест против крвопролевањето послушност на Гадафи му откажаа повеќемина претставници на Либија во ОН. Тие ја повикаа либиската армија да го развласти претседателот. Според заменик-амбасадорот на Либија при ОН, Ибрахим Дабаши, крајот на Гадафи е само уште прашање на денови. Тој го обвини Гадафи за масакр над сопствениот народ и побара поради тоа да биде изведен пред Меѓународниот кривичен суд.

Бан апелира до Гадафи да го запре насилството

Со Гадафи разговараше генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, кој побара прекин на насилството и почитување на правата на демонстрантите. Бан свика за утринава по локално време итна седница на Советот за безбедност. Американскиот државен секретар Хилари Клинтон во меѓувреме го повика либиското раководство веднаш да го прекине „неприфатливото насилство“.

Автор: ГЧ/дпа/дв

Редактор: Борис Георгиевски