1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арапската лига нема да ја откаже мисијата во Сирија

8 јануари 2012

И покрај постојаното насилство во Сирија и острата критика за нејзината набљудувачка мисија, Арапската лига исклучува каква било можност за прекин на ангажманот во таа земја.

https://p.dw.com/p/13g1A
Знамето на Арапската лига

„Предвремено повлекување на набљудувачите на Арапската лига од Сирија не доаѓа предвид“, изјави во Каиро заменикот претседател на Лигата, Аднан Еиса. Вчера во оваа земја, во која насилството продолжува со несмалена мерка, допатуваа уште десетмина нови набљудувачи од Јордан. Со тоа вкупниот број членови на мисијата на Арапската лига се зголеми на 163.

Денеска во египетскиот главен град претставници на земјите-членки на лигата ќе одржат средба на која треба да биде извлечен биланс од досегашниот тек на ангажманот.

Нови жртви на режимот

Од дипломатски извори се дознава дека арапските држави ќе го обвинат раководството во Дамаск предводено од претседателот Башар ал-Асад дека не се придржува до дадените ветувања.

Syrien Beobachter der Arabischen Liga
Арапските набљудувачи во сирискиот град ДараФотографија: picture-alliance/dpa

Според наводи на опозицијата, во оруженото насилство на сириските везбедносни сили против противниците на режимот вчера загинале најмалку 29 луѓе. Најголем дел од жртвите загинале во провинцијата Хомс и во предградијата на главниот град Дамаск. Од почетокот на протестите во Сирија во март минатата година, според проценките на ОН загинале, повеќе од 5000 луѓе.

Инаку, на набљудувачката мисија на Арапската Лига во текот на две недели колку што се наоѓа во Сирија, не и‘ успеа да му стави крај на насилството во земјата. Ваков заклучок ќе донесат претставниците на државите членки на лигата на денешната средба во Каиро под катарско раководство, јавува панарапската телевизија Ал Џазира .

Опозицијата бара ангажман на ОН

Телевизијата уште известува дека Арапската лига уште ќе заклучи дека сириските сили и натаму со насилство дејствуваат против опозициското движење и оти политичките затвореници ги држат на непознати места. Официјален Дамаск претходно се обврза пред Лигата дека ќе му стави крај на насилството, ќе ја повлече армијата од градовите и дека ќе ги ослободи политичките затвореници.

И покрај ваквите неостварени ветувања, Арапската лига не гледа никаква причина да ја прекине мисијата во Сирија.

„Ниту една арапска држава не говорела за неопходноста за повлекување на набљудувачите“, изјави Аднан Еиса.

Опозицискиот сириски Национален совет вчера одново побара прекин на ангажманот на арапските земји.

„Арапската лига треба да признае дека нејзината набљудувачка мисија е пропадната и задачата да им ја предаде на Обединетите Нации“, изјави портпаролката на советот, Басима Кадами за арапските медиуми.

Автор:С. Недевски/ЕМФ/дпа/ртр

Редактор: Е. Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема