Арапската лига ги одобри санкциите против Сирија
27 ноември 2011Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Арапската лига на средбата во Каиро со големо мнозинство ги одобрија економските санкции за Сирија, што преставува пример без преседан во историјата на оваа организација.
За санкциите кои опфаќаат забрана за патување во земјите од Арапската лига на претставници на највисокото сириско раководство, замрзнување на банкарските сметки поврзани со претседателот на Сирија, Башир ал Асад и неговата влада како и запирање на контактите со сириската централна банка и стопирање на инвестициите во земјата, гласаа 19 од вкупно 22 министри од земјите-членки на организацијата.
Повик да не се патува во Сирија
Претходно неколку држави од Персискиот залив повикаа свои жители да ја напуштат Сирија заради насилствата. Повиците беа упатени часови откако беше јасно дека министрите за економија и финансии од Арапската лига подготвиле проект за санкции против режимот во Дамаск. Повиците се упатени од Бахреин и Катар. Претходно оваа недела таков повик упати и Абу Даби.
Властите во Дамаск во петокот (25.11.2011) го отфрлија и вториот ултиматум од Арапската лига да го запрат насилството врз цивилното население и да започнат преговори со опозицијата. Режимот на претседателот Башир Ал Асад со месеци наназад употребува насилство против демонстрантите и опозицијата во земјата. Според наводи на Обединетите нации, од почетокот на безредијата во Сирија се убиени повеќе од 3500 лица.
Автор: СН/ЖА/ртр/афп/дв
Редактор: Ж. Ацеска