1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Априлилили под маски

1 април 2010

Денот на шегата во Македонија традиционално е во знакот на маскенбалот. И годинава ќе има луда забава која трае од утрината па до доцна во ноќта.

https://p.dw.com/p/Mjim
Фотографија: AP

Многумина сакаат да се пошегуваат, да се насмеат или да насамарат некого, но само еден ден во годината, на 1 април тоа го прават речиси сите. На денот на шегата, луѓето се смеат на сопствените и туѓите шеги, се обидуваат некого да измамат, онака на шега, која по правило завршува со- априлилили!!!

За забавата и доброто расположение да бидат комплетни тука се и традиционалните маски. На Први април во Македонија никој не се изненадува кога на улица ќе го сретне Бетмен, Супермен, Нинџа, принцеза, мажи преоблечени во жени, невести, каубои, Индијанци. Од утрината до доцна во вечерта се` е во знакот на маскенбалот.

Забава на отворено за сите

Централната манифестација, традиционалната Априлијада, петта година по ред се одржува во центарот на Скопје, во организација на Детскиот културен центар Карпош, овој пат пред Домот на АРМ. Забава има за секого, од најмладите па се‘ до најстарите. Директорот на детскиот културен центар, Богдан Андреевски за Дојче веле изјави;

„Традиционално оваа манифестација се одвива во два дела. Првиот дел е наменет за најмалите од детските градинки и основните училишта, со едно дефиле на маски. Имаме распишано конкурс кај основните училишта за избор на најдобра маска или карикатура и ќе се доделат награди. На забавата ќе има многу забава, шега, кловнови, акробати и секако музика“.

Skopje Zentrum
Фотографија: DW

Вечерна журка под маски

За вечерниот дел, е предвидена голема ноќна забава со добра музика, ди џеи и повеќе музички ѕвезди од македонската естрада:

„Вечерниот дел е предвиден да започне во 21 часот. Во рамките на овој дел имаме конкурс во гимназиите за групна маска за која е предвидена една убава награда која сега нема да ја откриеме. Во изборот ќе учествува и самата публика. Мислам дека ова е една добра новина која во иднина ќе ја збогатуваме уште повеќе“, вели Андреевски

Забавата нема да биде присутна само во центарот на отворено. Традиционално, за маскенбалите се подготвуваат и ноќните клубови и кафетерии.

„Очекуваме вечерва голем број на маскирани исто како и лани. Дел од персоналот исто така ќе биде маскиран, ќе имаме ди џеј, промотивни цени на коктели и добра музика“, вели Надежда од популарното кафуле Кала.

Со добра маска, расположение и многу музика, забавата денеска во Скопје е загарантирана.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Жана Ацеска