Аплауз за починатиот новинар Никола Младенов
28 март 2013Сопругата на основачот и главен и одговорен уредник на неделникот „Фокус“, Билјана Младенова, наместо едноминутно молчење побара едноминутен аплауз за нејзиниот сопруг за се‘ што направил во медиумскиот бизнис и за новинарството.
„Се гордееше со сите новинари на ’Фокус’. Велеше, ’Фокус’ не го правам јас, туку новинарите во редакцијата. Велеше дека ако го оставиш новинарот сам, да не му правиш притисок, најдобро и најпрофесионално ќе ја заврши работата“, рече Младенова и посебно и’ се заблагодари не новинарката Јадранка Костова со која Младенов долги години соработуваше а последната година ипол година и на дневното издание „Фокус“.
На комеморацијата говореше и неговиот долгогодишен колега Синиша Станковиќ кој рече дека Младенов не бил „новинарче“, туку новинариште и борец за слобода.
„Сакаше оваа држава да биде ослободена од глупоста, арамилакот, неправдата“, рече Станковиќ.
Според претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, со смртта на Младенов, новинарството загуби многу.
„Докрај им остана верен на читателите и критичар на секоја власт. Ова општество уште не научи да ги цени нашите верни граѓани додека се живи“, рече Селмани.
„Направи многу повеќе за демократизација на ова општество од која и да е политичка партија“, истакна Тамaра Чаусидис, претседател на Самостојниот синдикат на новинарите во Македонија.
Никола Младенов загина во сообраќајна несреќа во близина на Скопје, кај
населбата Хиподром во вторникот ноќта кон средата (27.03.2013) кога возилото со кое се превезувал излетало од патот.
Младенов е роден на 10 март 1964 година во Скопје. Кариерата ја почнува како
млад актер, но кон средината на 80-тите почнува да работи како новинар во
„Млад Борец“. Потоа го основа радиото Либертас, а во 1995 почнува со издавањето на неделниот весник Фокус. Брендот на „Фокус“, Младенов го градеше цели 20 години. Во 2011 година го основа и дневниот весник „Фокус“.