1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антикорупциската блее пред власта, р'жи на опозицијата

2 декември 2016

ДКСК одработува за власта на два начина: со молк и нечинење кога се во прашање претставници на власта, а со гласност и чинење кога е во прашање создавање перцепција за корумпираност кај опозицијата, укажуваат експерти.

https://p.dw.com/p/2TcCg
Symbolbild Akten Dokumente Bürokratie
ДКСК е целосно затворена и нетранспарентна институција, која станува 'транспарентна' само кога треба да се прекори опозицијатаФотографија: picture alliance/Bildagentur-online

Селективна, затворена, продолжена рака на власта... Овие епитети ги заработи и потврди Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), која вчера побара од Основното јавно обвинителство во Скопје да отвори истрага против министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за незаконско распоредување и унапредување на вработени во МВР, по распишувањето на изборите. Според ДКСК, со тоа бил прекршен член 8-а од Изборниот законик. Спасовски ги отфрли заклучоците на Комисијата и изјави дека сите распоредувања во МВР потпишани од него, се направени во согласност со измените на Законот за Влада и пред донесувањето на одлуката за распишување избори. Но, Комисијата смета дека претставките против министерот Спасовски се основани.

Политички перформанс

Антикорупциските експерти не се изненадени од постапката на ДКСК. Во неа гледаат само уште една децидна потврда дека Комисијата не е посветена на антикорупциски практики, туку на заштита на интересите на власта. Според Драган Малиновски, поранешен член на ДКСК, во изминативе години видлив е еден феномен кај ДКСК.

„Таа одработува за власта на два начина: со молк и нечинење кога се во прашање случаи поврзани со претставници на власта, а со гласност и чинење кога е во прашање создавањето перцепција за корумпираност кај лица од опозицијата. Од ДКСК упорно одбиваат да се зафатат со случаи на корупција кои го одбележуваат поведението на власта и такви примери досега има во изобилство. Доволно е само да го спомнам проектот 'Скопје 2014' за кој воопшто не пуштија глас. Се огласуваат исклучиво во предизборен период, само за да одработат со критики на сметка на опозицијата“, вели Малиновски. 

Како илустрација го посочува „постапувањето“ на ДКСК во 2013 година, еден ден  пред изборниот молк за локалните избори.

„Тогаш излегоа со соопштение дека поднесуваат кривична пријава за кандидатот за градоначалник Андреј Жерновски, заради наводен прикриен имот во анкетниот лист. Еве, за неколку месеци повторно ќе има локални избори. Значи, четири години по таа пријава, нема никаква информација за 'делото', што упатува дека тоа било направено само со тенденција да се создаде перцепција за корупција кај опозициските кандидати“, укажува Малиновски.

Индиција за ваквиот манир, според него, е и „несвојствениот начин“ на кој вчера постапувала ДКСК во врска со претставките за Спасовски - со јавна седница за одредени точки, што досега не било практика. 

„Целта е да се направи јавен 'перформанс'. ДКСК е целосно затворена и нетранспарентна институција, која станува 'транспарентна' само кога треба да се прекори опозицијата“, дециден е Малиновски.

Oliver Spasovski
Оливер Спасовски ги отфрли заклучоците на КомисијатаФотографија: Petr Stojanovski

Многу проекти, малку резултати

ДКСК е една од институциите во која се слеаја многу европски пари за зајакнување на националните механизми за превенција и борба против корупцијата. Меѓу последните, е „успешно завршениот“ твининг -проект финансиран од Европската Унија во рамките на ИПА, за што биле утврдени над 40 активности. Како што соопшти Комисијата, „активностите се однесувале на подобрување на правната и институционалната антикорупциска рамка, обуки за превенција и репресија на корупцијата, јакнење на свеста за спречување на корупцијата, финансирање на политичките партии и изборните кампањи, подобрување на постапувањето за конфискација и управување со незаконски стекнатиот имот, како и активности за креирање на ИТ-решенија за евидентирање и проверка на имотната состојба и статистичко следење на случаите на корупција и антикорупциските политики“.

Денес за „резултатите“ од сета таа богата активност, сведочи еден ноторен факт: транспарентноста на ДКСК е толку унапредена, што единственото лице посочено како одговорно за односи со јавноста не одговара на повиците. Ова, како и мандатната хибернација во која се наоѓа Комисијата, наидува на жестоки критики кај антикорупционерите.

„Што сѐ преспа ДКСК во изминатиот период? Тешко е да се најде нешто што не преспа“, вели поранешниот претседател на ДКСК, Воислав Зафировски.

„Имавме извонредни проекти, не ги реализираа. Програмата за работа до 2015 имаше индикатори на реализација и индикатори на успешна имплементација, но не слушнавме што од сето тоа е реализирано, а што не. ОЈО инертно се однесуваше кон пријавите што во тој период ги поднесовме (впрочем, затоа и бев сменет), против З. Миленковиќ, А. Алексовски и други... Проверете кога е одржана последната прес-конференција? Отсуствува отчетност во работата, што е основа за борба против корупцијата. И конечно, додека одекнуваа 'бомбите', можеби ОЈО во интерес на истрагата (ако воопшто воделе истрага) требало да молчи, но ДКСК не смееше да биде во длабок зимски сон по секоја објавена 'бомба'“, вели Зафировски.