„Анонимните должници“ помагаат
29 септември 2011Должниците, според пратеничката во Бундестагот Елизабет Винкелмајер-Бекер, чекаат предолго додека достават барање за прогласување несолвентност. Економските штети поради тоа изнесуваат неколку милијарди евра. Голем број банкроти не се обработуваат оптимално. Често поради погрешни или брзи ликвидации се предизвикуваат дополнителни штети.
Христијанската демократка Винкелмајер-Бекер е член на Комисијата за правни прашања на Бундестагот. Таму сега се подготвува закон за олеснување на постапките за несолвентност, како за должниците, така и за доверителите. На пример, би требало да има поттик за должниците за пријавување банкрот порано. Винкелмајер-Бекер смета дека на проверка треба да се стави и стручноста на судиите и стечајните управници за постапување по вакви предмети.
Личен неуспех
Планираните промени веќе не се однесуваат на Атила фон Унру. Тој во 2005 година доставил барање за прогласување несолвентност. 51-годишниот Фон Унру се сеќава дека тој чекор за него значел ослободување: „Во тој момент знаев дека на повидок е копно, дека има перспектива и дека за шест години веќе нема да имам долгови“.
Фон Унру бил сопственик на Агенција за ивент-маркетинг и ја продал. Кога купувачот банкротирал, од тоа бил погоден и Фон Унру, зашто тој гарантирал со лична гаранција од 300.000 евра. Овие пари банката ги сакала веднаш назад. Долго верувал дека некако ќе успее да плати. Потоа почнал да се надева дека се‘ добро ќе се заврши. Како претприемач излегол на крај со многу кризи, но јамката околу вратот се стегала се‘ повеќе. Конечно морал да си признае дека така веќе не оди. Кога го доставил барањето за прогласување банкрот, зад него веќе имал изминато долг пат.
Општествена изолација
Срамот бил голем. Неуспехот бил постојано присутен, тој често го означува патот кон осаменост. Се поставува и прашањето за вина и одговорност, вели Фон Унру. Тој постапката за несолвентност ја нарекува - хорор. Ако при поднесувањето на барањето чувствувал олеснување, во текот на постапката се‘ се променило. Неговата банка не сакала да му отвори сметка. Често има проблеми и со претпријатијата за струја или телефонски услуги. А ако некој, што е несолвентен, се обиде да најде стан, тогаш шансите му се многу лоши, вели Фон Унру, додавајќи дека никој не го сака за потстанар.
Поради се‘ она што го снашло, Фон Унру во тоа време во Келн основал круг за разговори „Анонимни должници“. Во меѓувреме, вакви групи има во цела Германија. Побарувачката е голема. Луѓето добиваат совети пред прогласувањето несолвентност или во тек на постапката. Кај Фон Унру доаѓаат шефови на банкротирани фирми, здруженија или претпријатија. Сите сакаат да разговараат, да бидат разбрани и да се информираат. Фон Унру може да помогне многу и од сопственото искуство. Покрај оваа волонтерска работа, тој е и самостоен советник за претпријатија. Така, од некогаш несолвентниот претприемач, од своето сопствено пропаѓање, успеал да создаде два почетока.
Автор: Петра Никлис/ Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Александра Трајковска