1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анкети на СДСМ: Пендаровски води пред Силјановска

28 март 2019

Според анкети спроведени по барање на владејачката партија, Стево Пендаровски во вториот круг од претседателските избори ќе влезе со предност од околу 90.000 гласови.

https://p.dw.com/p/3Fn2f
Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien Stevo Pendarovski
Фотографија: Petr Stojanovski

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски во првиот круг ќе води со предност од 8 до 10 % пред противкандидатката Гордана Силјановска Давкова и во вториот круг ќе влезе со предност од околу 90.000 гласови. Ова го покажуваат теренските анкети спороведени по барање на СДСМ, велат за ДВ партиски извори. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не беа достапни да одговорат какви се резултатите од анкетите спроведени по нивно барање. ДВ ќе ги објави и тие резултати доколку партијата реши да ги сподели со јавноста.

Анкетите спроведени по барање на СДСМ покажуваат дека разликата меѓу гласовите што би ги добиле претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова, воопшто не е во рамките на статистичка грешка, како што покажаа резултатите од телефонската анкета спроведена од „М-Проспект“, кои неделава ги објави ТВ „Телма“. Според таа анкета, доколку утре се одржат претседателски избори 25 отсто до граѓаните би гласале за Пендаровски, 22,4 отсто за Силјановска и 10.09 отсто за Блерим Река. Со оглед дека беше посочено оти овие резултати се подложни на статистичка грешка од 3,1 отсто, практично произлегува дека двајца од кандидатите се речиси изедначени со оглед дека ги дели разлика од 2,6 процентни поени во првиот круг.

Во втор круг со предност од околу 90.000 гласови

Извори од СДСМ велат дека не коментираат други анкети. По нивно барање досега се спровеле повеќе истражувања на јавното мислење преку различни агенции, а добиените споредбени резултати целосно се совпаѓале. Сите тие истражувања на јавното мислење биле спреведени теренски, според методот „лице в лице“ на примероци од најмалку 1.200 испитаници. Резултатите покажале дека Пендаровски во првиот круг ќе води со предност од 8 до 10% пред Силјановска и дека во вториот круг ќе влезе со предност од околу 90.000 гласови. Според тие истражувања, гласовите на Албанците во првиот круг ќе се поделат помеѓу Пендаровски и Река, во вториот круг гласачите на Река во најголем број би гласале за Пендаровски, а дел би апстинирале. Околу 80% од гласачите на ДУИ се изјасниле со сигурност ќе гласаат за Пендаровски уште во првиот круг.

Mazedonien Gordana Siljanovska-Davkova Uni Professorin
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Овие резултати се во спротивност со оние на „М-Проспект“, кои покажуваат дека во првиот круг повеќе од половина од симпатизерите на ДУИ (57 отсто) би гласале за Река, и дека во вториот круг ќе се свртат кон Пендаровски, со што нивната поддршка од 25,7 проценти за него во првиот круг, ќе порасне на 58,6 отсто во вториот.

Телефонските анкети - несигурни

Според упатени во методологијата и постапките за истражување на јавното мислење, кога станува збор за политички процеси (избори и референдуми) многу посигурни се теренските, отколку телефонските и онлајн анкетите. Според нив, телефонските и онлајн анкети можат да дадат приближно точни податоци на испитаниците само во анкети за комерцијални цели - употреба на одредени производи или услуги, кога испитаниците се послободниво изјаснувањето. Но, сосема е различна ситуацијата кога станува збор за политички прашања. Причината за тоа ја лоцираат во недовербата на испитаниците по прашањето кој навистина е на другата страна на слушалката, со оглед дека земјата досега помина низ две мега афери на незаконско прислушување на телефонските комуникации на граѓаните, како и се уште неразјаснети случаи со снимање на разговори преку телефонски централи на некои институции.

Повеќе:

-Пендаровски и Силјановска се „загреваат“ на социјалните мрежи

-Реден број и предупредување од ДИК за Река, Силјановска и Пендаровски

-Антипод

„Сето ова создава голема недоверба, па и страв кај испитаниците при телефонска комуникација. Од тие причини, тие се многу инхибирани кога треба да дадат искрен одговор за нивните ставови и намери - дали ќе гласаат и за кого. Доколку и решат да одговорат на анкетните прашања, најчесто прибегнуваат кон, според нив, 'подобни' одговори, со проценка дека таквите одговори нема да им предизвикаат одредени непријатности. Тие калкулации го заматуваат реалното расположение, што на крајот финишира со анкетен резулат кој практиката нема да го потврди и завршува како класична импровизација. Ваквите околности се елиминирани при теренските анкети лице в лице“, објаснуваат нашите соговорници.

За фер-избори

Она што ќе биде поважно од податокот кој води на анкети и кој ќе победи на изборите, е - да биде спроведен фер изборен процес. Партиска делегација на СДСМ предводена од претседателот Зоран Заев, вчера се сретна со делегација на ОБСЕ предводена од шефот на мисијата во Скопје, амбасадорот Клеменс Која. Заеднички било заклучено дека на претседателските избори сите учесници треба да покажат демократска зрелост и одговорност, за граѓаните слободно да го искористат своето правото на глас.

„Успех за нас ќе бидат кристално чисти фер и демократски избори. Како владејачка партија се обврзуваме на тоа и очекуваме од сите учесници да бидат одговорни. Се надеваме дека опозицијата нема да се обиде да ја закочи иднината на државата, дека ќе преземе одговорност и нема да го блокира вториот круг. Успешни избори отвораат голем простор реформите да продолжат и Република Северна Македонија да направи нов исчекор кон интеграцијата во ЕУ“, изјавил Заев.

Изборниот процес ќе го следат 279 набљудувачи на ОБСЕ/ОДИХР. Мисијата има главен тим од 11 експерти и 18 долгорочни набљудувачи, а дополнително ќе побара од земјите-членки на ОБСЕ да обезбедат 250 краткорочни набљудувачи кои ќе дојдат неколку дена пред изборите. Шефот на набљудувачката мисија, Корин Јонкер, порача дека „не се заинтересирани за резултатот, туку за квалитетот на изборниот процес и секој гласач да може да гласа слободно и транспарентно“.

Mazedonien Kommunalwahlen Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/abaca/A. Fazlagikj

Услов за парламентарни

И претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повикува на фер избори. Тој, заедно со потпретседателот на партијата, Александар Николоски, вчера оствари средба со шефот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар. Мицкоски говорел за актуелната политичка ситуација, за реформите поврзани со обвинителството и за потребата од фер избори.

„Воедно беа нотирани и однесувања на власта со кои се нарушува демократскиот амбиент за фер избори, дека е присутна нервоза во власта и дека тоа нема да ги поколеба граѓаните“, се вели во партиското соопштение.

Во завчерашниот дуел со премиерот Заев, Мицкоски инсистираше да добие ветување -дека ако изгуби кандидатот на владејачката коалиција, ќе бидат распишани предверемени парламентарни избори. Заев изрази увереност дека Пендаровски ќе победи, но на инсистирање на Мицкоски даде потврден одговор. 

„Ако побарате предвремени парламентарни избори, и доколку Стево Пендаровски изгуби, тогаш ќе се согласиме на предвремени парламнентарни избори“, вети Заев.