1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Амнести загрижена за македонските медиуми

6 јули 2011

Македонските власти мораат да запрат со обидите за загрозување на слободата на изразување, порача „Амнести Интернешнл“, откако три весници беа затворени, а и на телевизијата А1 и’ се заканува истата судбина.

https://p.dw.com/p/11poe
Logo amnesty international

„Овие затворања, средствата што се побаруваат и условите за наплата, се чини дека се политички мотивирани“, стои во писмената изјава на директорката за Европа и Централна Азија во „Амнести Интернешнл“, Никола Дакворт. Таа додава дека „ова не е изолиран инцидент, туку конфронтација со медиумите критичари на власта што се случува веќе повеќе од една година. Овие затворања изгледаат се’ повеќе и повеќе како решителен напад врз слободата на изразување“.

„Амнести Интернешнл“ стравува дека со изборот на новата влада работите нема да се променат. „Стравуваме дека владата на премиерот Никола Груевски го користи новиот мандат како изговор да продолжи со намерите за изолирање, маргинализирање и замолчување на медиумите кои ја критикуваат власта“, забележува Никола Дакворт. Таа ја повикува „ЕУ да ја потсети македонската Влада дека посакуваното членство бара поддржување на основните човекови права, како слободата на говор“.

Во соопштението на „Амнести Интернешнл“ се забележува дека македонските новинари постојано ја обвинуваат Владата за мешање во нивната работа, почнувајќи од замолчување на прес-конференции, клеветење, до закани со смрт.

„Слободните медиуми се основа на правото на секого за слобода на изразување, кое вклучува право да се бара, добие и да се прошират информации и идеи од секаков вид“, заклучува „Амнести Интернешнл“.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Горан Чутаноски