1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Америка ги презема уздите на косовскиот проблем?

Ивица Петровиќ
21 јануари 2019

Притисокот на Вашингтон поради таксите ја наведе косовската политичка елита на премислување. Сѐ погласно се спомнува можноста Америка и официјално - можеби во дует со Русија - да го преземе посредувањето во дијалогот.

https://p.dw.com/p/3Btdq
Symbolbild Kosovo - Eine Mappe von Kosovos Norden im kyrillischen Schrift
Фотографија: N. Rujević

Судбината на косовските такси за стока од Србија и Босна и Херцеговина изгледа дека не може да се реши без официјален Вашингтон. Со оглед на тоа што изостана посилен притисок од страна на ЕУ, косовските власти тоа го сфатија како порака на охрабрување и дури неодамнешните реакции на американски претставници доведоа до јавно преиспитување на одлуката за воведување такси.

Косовските лидери тргнаа во медиумска акција на јавна благодарност на Америка за сѐ што сторила за независноста на Косово и предупредувања дека непромислени и популистички потези можат да ја загрозат натамошната американска поддршка. Во интервју кое во понеделникот го објави австриски Курир, претседателот на Косово, Хашим Тачи, рече дека „Косово било принудено на некој начин да преземе такви мерки“, мислејќи на царините. Но, исто така додаде: „Ќе се обидеме да не го отежнуваме дијалогот. Но, ни Србија не смее да поставува услови за продолжение на дијалогот. Се надевам дека блокадата набрзо ќе биде завршена.“

Повеќе:

 Путин во Србија: Посрдечно и од руска губернија

Игри со граници на Балканот

Можеме ли да кажеме дека судбината на косовските такси на крајот ќе се реши во Вашингтон? Политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ смета дека „на Косово владее таква геополитичка перцепција, во која страв постои само од Америка. Мислам дека сериозен притисок од страна на Америка би довел до брзо укинување на таксите. Европа има лостови за вршење притисок, но нема авторитет.“

Србите во енклавите: Огорченост и молк

Анѓелковиќ за ДВ констатира дека засега не е јасно дали притисокот на САД е проследен и со закана за некаков вид санкции. „Една работа е реторички притисок, а друга работа е ефикасен притисок. Дали е ова реакција само за да се каже дека се реагирало, или е тоа почеток на вистинска акција - тоа го знаат само оние во Вашингтон.“

Европската унија веќе долго е посредник кој негува помек и попринципиелен пристап од „честопати црно-белиот пристап на американската страна“, истакнува за ДВ, Јелена Милиќ, директорка на Центарот за евроатлантски студии. „Но, мислам дека тоа и е силата на ЕУ. Унијата, се разбира, има проблем со консензусот околу своите пораки, затоа што мора да го усогласи ставот помеѓи земјите членки, од кои некои и не го имаат признато Косово.“

Kosovo amerikanische Flaggen
Приштина: Американското влијание е единствено важно?Фотографија: DW/B. Shehu

Судбината на таксите би требало да зависи од ставот на европски ориентираните политичари и избирачи на Косово, додава Јелена Милиќ. „Проблемот е што не гледам проевропски ориентиран политичар и проевропски избирачи на Косово. Таа приказна на косовските политичари, дека тие се за ЕУ и НАТО, едноставно не е убедлива. Ако се за ЕУ и НАТО, тогаш слушаш што ти зборуваат тие и се однесуваш како нивен партнер.“

„На Косово постојат повеќе стотици невладини организации кои ги финансираат ЕУ и Америка и јас не гледам дека се усогласуваат и дека вршат внатрешен притисок за укинување на таксите“, обрнува внимание директорката на Центарот за евроатлантски студии.

Повеќе: Могерини повторно го повика Косово да ги укине царините кон Србија

Нов формат на преговори

Постои силно уверување дека поголемо вклучување на Америка во дијалогот на Белград и Приштина доведе до вклучување на Русија од другата страна. За тоа веќе зборуваа некои српски политичари, кои велат дека Србија секако би барала нов формат на преговори доколку американската страна се појави како официјален активен играч.

Драгомир Анѓелковиќ наведува дека тоа „пред сѐ зависи од тоа дали Америка сака натамошно продолжување на преговорите под закрила на ЕУ или е подготвена да се вмеша подиректно. Белград во случај на промена на форматот секако би барал вклучување на Русија, зашто не би сакал својата судбина да ѝ ја препушти само на Америка.“

Дали ЕУ ја прокоцка својата шанса за посредување? И, што по повеќегодишното јалово посредување би значело продолжување на преговорите под закрила на Брисел? „ЕУ во наредниот период ќе биде зафатена со изборите за Европскиот парламент. Тоа значи дека не можеме да имаме големи очекувања од дијалогот на Белград и Приштина, сѐ додека не видиме нов однос на силите во рамките на ЕУ“, оценува Анѓелковиќ.

Фактот дека Косово реагира само на притисок на Америка, според Јелена Милиќ, се должи на наивното сфаќање на дипломатијата од страна на косовските претставници, кои погрешно играат на картата на извесни несогласувања помеѓу ЕУ и Америка. Но, мислам дека малку и се преиграа. Тоа е лошо за европската перспектива на Косово, како што мислам дека е лошо и гласното молчење од страна на Германија по тој повод“, нагласува Јелена Милиќ.