1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американците можеби легално ја прислушувале Меркел?

Фридел Таубе/ Жана Ацеска27 октомври 2013

Во аферата околу можното прислушување на телефонот на германската канцеларка Меркел од страна на НСА, историчарите и експертите по меѓународно право дискутираат- колку таква акција има покритие во важечкото право?

https://p.dw.com/p/1A6qF
Фотографија: picture-alliance/dpa

Од Втората светска војна беа поминати само десет години кога младата Сојузна Република Германија во 1995. година доби целосен суверенитет преку Германскиот договор со западните победнички сили САД, Велика Британија и Франција. Истовремено, германската влада на сојузниците им призна различни права. Како што откри историчарот Јозеф Фошепот од Фрајбург во 2012. година, одобрени им биле опсежни операции на тајните служби на германска територија, како и контрола на западногерманската поштенска и телефонска комуникација. „Овие договори се важечки до денес и обврзувачки за секоја германска влада“, истакнува Фошепот во разговор за Дојче веле.

Historiker Josef Foschepoth
Историчарот Јозеф ФошепотФотографија: Christoph Breithaupt

Со други зборови, дури и евентуалното прислушување на мобилниот телефон на канцеларката Ангела Меркел би имало правна основа. Навистина, во тајните документи од 1950-те години никаде не стои експлицитно дека американските служби смеат да ја шпионираат германскатa влада, но и обратно, тоа никаде не е јасно забрането, вели Фошепот. Во т.н. Германски договор, тогашниот канцелар Конрад Аденауер на сојузниците им признал контролно право од кое нема враќање кон неповредливоста на тајноста на поштенската и телефонската комуникација, која што пак била содржана во Уставот.

„Така настанал голем германско-сојузнички комплекс на тајните служби“, вели Фошепот. НСА всушност порасна, стана голема во Сојузна Република Германија, „фронталната држава“ во Студената војна. НСА до денешен ден има свои испостави во Германија, на пример во Висбаден.

Колку долго траат специјалните права?

Но, дека некогашните договори фактички важат до денес во однос на активностите на американските тајни служби во Германија, е сепак спорно. Николаос Гацеас, експерт по меѓународно право на Универзиттеот во Келн, го цени и е импресиониран од истражувачкиот труд на Јозеф Фошепот, но не ги дели неговите заклучоци: „Дури и ако се појде од тоа дека своевремено на сојузниците им било признато вакво специјално право, мора да се земат во предвид и желбите на страните кои го склучуваат договорот, а ниту тогаш сигурно тоа не одело толку далеку, да биде прислушувана германската влада“, смета Гацеас. Според него, не може да се смета дека тој поранешен договор е правно покритие за прислушувањето на канцеларката во 2013. година.

Bundeskanzler Konrad Adenauer 1952
Канцеларот Конрад Аденауер им дал посебни права на сојузницитеФотографија: Bundesarchiv, B 145 Bild-F078072-0004 / Katherine Young / CC-BY-SA

Освен тоа, прашање е дали овие договори се важечки до денес. Еден договор може да стане неважечки и преку поинаквите изјави на една од двете страни кои го склучиле. Според Гацеас, тоа е на пример можно преку изјавите на американската влада до Германија минатото лето. НСА призна грешки и се извини за нив.

Ве молиме, не шпионирајте!

За да се избегнат обиди за шпионирање меѓу сојузниците во иднина, европските држави подготвуваат т.н. „антишпионски договор“. Во него страните кои го склучуваат се обврзуваат на невршење меѓусебно шпионирање. Ваков договор со САД сакаат да склучат Германија и Франција, која исто така е засегната со акцијата за прислушување. Николаос Гацеас претпочита вакви договори против шпионирање:

„Со ваква спогодба, која би претставувала и меѓународен договор, црно на бело ќе биде јасно утврдено дека прислушувањето на германската влада е апсолутно недозволиво. Тогаш ќе бидат распрснати и последните сомнежи во однос на казнивоста на вакво прислушување“.

Според кривичното право, прислушувањето на мобилниот телефон на Ангела Меркел може да се третира како шпионажа. Согласно параграфот 99 од Германскиот кривичен законик, „разузнавачка активност“ е казнива, во потешки случаи е предвидена затворска казна до десет години. Но, малку е веројатно да се отиде дотаму.

„Сигурен сум дека на крајот на постапката не би дошло до тужба против Американците, туку дека истражувањето би било прекинато“, проценува Гацеас.

Од дипломатски аспект, се разбира, тоа е поинаку: германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле го повика оваа недела американскиот амбасадор, а Ангела Меркел директно му се јави на Барак Обама. Веројатно ќе потрае подолго време додека германско-американските се нормализираат, и тоа сосема независно дали притоа Американците при акциите на прислушување го имаат меѓународното право на своја страна или не.