1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ал Каеда го призна убиството на новинарите

ЖА/дв/дпа/ртре7 ноември 2013

Терористичката организација Ал Каеда во земјите на исламскиот Магреб ја презеде одговорноста за грабнувањето и убиството на двајцата француски новинари, како одмазда за француската интервенција во Мали.

https://p.dw.com/p/1ADQK
Фотографија: picture alliance/AP Photo

„Оваа операција беше одговор на злосторствата извршени од Франција против народот на Мали и на дејствата на африканските и меѓународните сили против муслиманите на Азавад (како што исламистите го нарекуваат северно Мали, каде што минатата година повеќе од половина година прогласија муслиманска држава)“, се наведува во соопштението на терористите објавено во мавританските медиуми.

Новинарите на француското радио РФИ, 55-годишниот Клод Верлон и 57-годишната Гилен Дупон беа грабнати во градот Кидал, во северно Мали, во саботата (02.11), а по неколку часа беше објавено дека се убиени. Француските воени сили коишто започнаа потрага по грабнувачите и убијците на новинарите, во меѓувреме уапсија петмина осомничени.

Zwei in Mali entführte französische Journalisten tot aufgefunden
Двајцата убиени француски новинариФотографија: picture-alliance/AP Photo

Кризата во Мали се разгоре откако во 2011 година во соседна Либија беше соборен режимот на Моамер ел-Гадафи, кога на територијата на Мали се префрлија мноштво бегалци од племињата на Туарезите. Освојувајќи го северниот дел од Мали, тие прогласија „независна“ држава Азавад. Потоа Туарезите од оваа територија беа истиснати од исламските екстремисти коишто прогласија држава во којашто ги воведоа строгите шеријатски прописи.

Француската и малиската војска на почетокот од годинава ги избркаа екстремистите од големите градови во северно Мали, а Туарезите истовремено во градот Кидал воспоставија своја влада. Во јули годинава властите на Мали потпишаа примирје со бунтовничките групи на Туарезите, дозволувајќи им да спроведат избори. Во воената операција во Мали беа ангажирани околу четири илјади француски војници, заедно со шест илјади војници на земјите членки на Економската заедница на државите во Западна Африка. Моментно во Мали се останати уште околу 3 илјади француски војници за да ги обезбедуваат првите парламентарни избори на 24 ноември. На почетокот на 2014. година, според официјален Париз, француското воено присуство во Мали треба да се намали на околу илјада војници. Контролата потоа треба да ја преземе мисија на ОН која треба да опфаќа околу 12.600 војници.