1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алумни-порталот Германија стигна и во Македонија

16 декември 2010

Македонија стана дел од алумни-порталот Германија. Вчеравечер во Скопје свечено беше одбележан стартот на овој интернет проект, чија цел е да им овозможи подобра комуникација на луѓето поврзани со Германија.

https://p.dw.com/p/Qcrc
Германската амбасадорка во Македонија, Улрике КноцФотографија: Deutsche Botschaft Skopje

Македонија од синоќа и официјално стана дел од глобалниот „Алумни-портал Германија“. Станува збор за интернет платформа преку која лицата кои студирале, работеле или се родени во Германија можат да одржуваат контакти, да бараат работа или да аплицираат и да добиваат податоци за студирање или дообразување.

Таканаречената „онлајн комуна“ функционира во 182 земји со над 65 илјади членови, а нуди и можност за лоцирање на висококвалификувани соработници со познавање на германскиот јазик и култура. Петра Седи од канцеларијата на ДААД, Германскиот центар за академска размена во Скопје, објаснува дека проектот треба да им овозможи на сите алумни, пријатели на Германија, да контактираат меѓу себе, да ги искористат своите искуства. Исто така и за германските фирми во Македонија да дојдат до контакт со луѓе кои го знаат германскиот јазик и култура и кои можат да работат кај нив.

Botschafterin Utevska Gligorovska Mazedonien Bundespräsident Christian Wulff
Македонската амбасадорка во Германија, Корнелија Утевска-Глигоровска при предавањето на акредитивите во БерлинФотографија: DW

Амбасадорката - прв член на порталот

Во Македонија според податоците има регистрирано 130 таканаречени алумни, луѓе кои студирале со германски стипендии, професори, научници, експерти. Сите тие сега се дел од интернет Алумни-порталот. Честа да биде првиот регистриран член од Македонија и’ припадна на македонската амбасадорка во Берлин, Корнелија Утевска-Глигоровска. Алумни-порталот според неа нуди одлична можност за корисниците:

„Мислам дека е одлична можност да се биде во тек со настаните во Германија и да се учествува на блогови и платформи за дискусија на разни актуелни теми и на отворен пазар да се одмерат силите со останатите кандидати, бидејќи мора да се каже дека Германија е во фаза на отворена дискусија околу недостигот на квалификувани кадри. Порталот отвора токму можност Германија да си обезбеди квалификувани кадри, а од друга страна на корисниците да им се овозможи да ги прошират своите хоризонти“, вели Утевска-Глигоровска.

Deutscher Akademischer Austausch Dienst (DAAD)
Седиштето на ДААД во БонФотографија: picture-alliance/ dpa

Академска размена

Професорот Валентин Мирчевски е претседател на Хумболд и ДААД клубот во Македонија, асоцијација која ги обединува алумните. Клубот постои седум години и основна задача му е афирмација на двете фондации и регрутирање на млад кадар кој би ја афирмирал Македонија во академската размена со Германија. Идејата за порталот според него е извонредна:

„Интересно е што овој портал, виртуелен форум, не ги обединува само Хумболд и ДААД алумните туку има и многу поширок опсег. Во суштина и нашиот клуб не е ексклузивно организиран само за Хумболд и ДААД, туку е наменет практично за сите интелектуалци кои сакаат на некаков начин да дадат придонес во општата академска соработка со Германија“

Алумни-порталот Германија во светот функционира две години како заеднички проект на германски организации за политичко-развојна, економска, културна и научна соработка. Целосно е финансиран од Германското министерство за економска соработка и развој.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Горан Чутаноски