1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанците и Србите заедно го одбележуваат Рамазан

Рефки Алија/ А.Трајковска7 август 2013

По тензиите во 90-те во Призрен меѓунационалните односи се сѐ подобри. Одењето на Србите на рамазански ифтар и посетата на муслиманите за православните празници од друга страна се само пример за тоа.

https://p.dw.com/p/19LbN
Фотографија: DW

Во Призрен од една страна се слуша повикот за молитва (езан) од џамијата во центарот на градот, од друга страна одекнуваа ѕвоната од соборната црква Свети Ѓорѓи - тие можеби на најдобар начин сведочат за соживото и верската толеранција, која по војните во деведесетите, повторно се враќа во овој мултиетнички град на Косово.

За време на Рамазан претставници на некои хуманитарни организации и турскиот контингент на КФОР во центарот на градот, организизираат заеднички ифтари. Освен Албанците, Бошњаците, Турците и Ромите доаѓаат и Срби. Меѓу нив е и Милева Мојсиќ, која по раселеничкиот живот во околината на Белград, повторно се врати во родниот Призрен.

„Ова полно значи за нас. Сакаме да го видиме овој обичај, бидејќи досега навистина не сме присуствувале, но тука сме сега со задоволство. Порано го немаше ова, или барем јас не сум забележила дека имало некаква донација, или дека нешто се делело за Рамазан.“

Kosovo Stadtansicht Prizren
ПризренФотографија: DW/V. Filaj-Ballvora

Светлана Николиќ која пред војната работеше во текстилната индустрија, се сеќава како ги почитувала муслиманките кои постеле на работното место.

„Никогаш не пиев вода пред нив, ниту јадев леб. Се почитуваше. Имав големо почитување, така е и денес.“

Доаѓањето на Србите на ифтар го одобруваат и тамошните Албанци, меѓу нив и Алјбана Круезиу, која гордо вели „ова е Призрен“.

„Кога велам ова е Призрен, мислам на културниот, верскиот и меѓуетнички диверзитет. Ова е знак за соживотот и сигнал за сите народи на светот како може заеднички да се живее. (...) И ако сите знаеме каква беше војната на Косово, ова е и знак како треба да се надминуваат конфликти“, вели Круезиу, дополнувајќи дека и таа на своите пријатели Срби им ги честита празниците.

Ветон Нурколари смета дека жителите на Призрен се „предодредени на заеднички живот, едни со други, онака како што со векови беа градени верски објекти едни поред други“.

Suzi Moschee in Prizren
Џамија во ПризренФотографија: DW/R. Alija

Јанко Јанковиќ, кој во целиот период по војната со сопругата не го напушти родниот Призрен вели дека во неговиот дом пријателите му доаѓаат секојдневно не само за празниците.

„Ми доаѓаат гости: Албаници, Турци, муслимани ... како порано што ми доаѓаа Срби... Едни другари изгубив, но добив други.“

И односите меѓу официјалните лица на Исламската заедина и Српската православна црква во последните години овде се значително подобрени. Сѐ повеќе на исто место можат да се видат нивните верски поглавари.