1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанците во Прешево излегуваат на улица

АМ/бета21 јануари 2013

Албанците од југот на Србија денеска ќе одржат протест во Прешево поради отстранувањето на споменикот на припадниците на ОВПМБ во тој град. Британската амбасада жали за едностраната одлука споменикот да се отстрани.

https://p.dw.com/p/17Nxp
Фотографија: AFP/Getty Images

Единствениот албански пратеник во српското собрание Риза Хаљими рече дека Србија продолжува да ги решава проблемите со насилни средства, а не со дијалог.

„Заедничкиот став на сите политички лидери е да истраеме во остварувањето на легитимните индивидуални и колективни права на Албанците од Прешевската долина“, рече Хаљими.

Според претседателот на општинското собрание Скендер Дестани српската влада покажала дека „не ги сака Албанците во Прешевската долина“. Тој рече дека со помош на меѓународната заедница ќе бараат да имаат исти права како Србите на северот од Косово.

Поранешниот државен секретар во Министерството за Косово и Метохија, Оливер Ивановиќ оцени дека на протестите на Албанците не се очекуваат поголеми проблеми. Според него, претставниците на Албанците од југот на Србија неодамна ја посетиле Приштина, но таму „не добиле порака дека имаат поддршка“ за спорното прашање со споменикот. Тој смета дека поставувањето на споменикот е направено за да се сврти вниманието на јавноста и меѓународната заедница на проблемите на Албанците од југот на Србија. Затоа, тој вели дека сега е моментот државата за тоа и да преговара.

Presevo Serbien albanisches Rebellendenkmal wird abgerissen
Вчерашната акција за отстранување на споменикот мина без инцидентиФотографија: AFP/Getty Images

Потпретседателот на српската влада Расим Љаиќ, пак, им порача на Албанците да се свртат кон Белград, а не кон Приштина или Тирана, бидејќи делот во кој живеат не може да се спои со Косово, и покрај желбите на некои албански политички лидери. Тој смета дека Албанците од југот на Србија ја немаат поддршката на меѓународната заедница за промена на границите. За вчерашното отстранување на споменикот од Прешево Љаиќ рече:

„Моравме да реагираме на ваков начин. Предлогот беше споменикот да биде поместен во дворот на Домот на културата или џамијата. Тие објаснуваа дека не можат во дворот од џамијата, бидејќи верската заедница има своја автономност. Не зборуваа ништо за Домот на културата и се’ се развлече во недоглед“.

На преговорите за споменикот поинаку гледаат странските претставници во Србија. По вчерашната реакција на ОБСЕ се огласи и амбасадата на Велика Британија во Србија, од каде велат дека поволното решение било „на дофат на рацете“. Велика Британија изрази жалење за едностраната одлука на српската влада да го отстрани бесправно подигнатиот споменик во Прешево.