1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанското село на криумчари очекува муштерии

Немања Рујевиќ/Ж.А.9 февруари 2016

Балканската бегалска рута пак е златен рудник за криумчарите на луѓе. Како функционира соработката на големите босови, локални помагачи и корумпирани полицајци? Пример: селото Лојане, на граница меѓу Македонија и Србија.

https://p.dw.com/p/1HrWp
Фотографија: DW/N. Rujević

Нема сообраќајна табла која би го најавила Лојане. Но, дојденец не може да ги превиди десетиците албански знамиња кои се виорат на речиси секоја бандера. Црни двоглави орли, избледени од сонцето и искинати од ветрот, водат право до местото кое локалните жители го нарекуваат „центар“. Тоа е раскрсница на двете единствени афалтирани улици, на која има една бакалница и две зачадени чајџилници. Над нив се издига минарето на една џамија. Тишината ја нарушува само еден петел.

„Овде и онака нема што да се работи“, се жали еден крупен пресретлив маж, кој со пријателите се досадува пред чајџилницата. Токму поради тоа што нема што да се работи, неговото село ширум Европа стана познато како „село на криумчари“ на самата граница на Македонија и Србија, на само неколку километри од Косово. Овде се доведуваат илегалните мигранти за да преспијат и да продолжат кон Западна Европа. Преноќевалиште во куќа на селаните чини десет евра, место во штала се добива и за пет. „Види, не е како што пишуваат медиумите. Еве, сега има само неколкумина Мароканци и тоа е тоа“, вели нашиот соговорник. „Тоа ноќевање го нудат само сиромашните кои инаку би немале ни леб да јадат. А уште владееше и суша.“

Serbien Das Dorf der Schlepper
Селами МеметиФотографија: DW/N. Rujević

„Hallo, wie geht's?“

Сиромашен крај и заборавен од страна на државата - тоа добро се гледа и по калливите улици, по кои тешко може да пројде друго возило освен трактор. Овде живеат исклучиво Албанци, исто како и во Миратовац, село-близнак на српската страна. По улицата додуша поминуваат и понекој светнат БМВ и Ауди, на малото ритче има понекоја кичеста трикатница. Но, и тоа сето не е заработено овде, туку во Швајцарија, Австрија, Германија. Овдешните гастарбајтери, како веројатно насекаде на Балканот, своите заштеди од печалбата ги вложуваат во вишок катови, шарени фасади и гипсени лавови. Околу 40 проценти од 3.000 мештани на Лојане живеат и работат во странство.

„И мојот брат е во Швајцарија“, вели претседателот на месната заедница, Селами Мемети. Затоа, на телефонските повици мора да одговара на германски - „Hallo, wie geht's?“ Меѓутоа, тоа е целиот вокабулар и Мемети се враќа на албанскиот. „Да ти кажам искрено, ние на Балкан сме многу попаметни отколку тие на Запад. Но, тие се организираат и гледаат како да работат. А ние... ние сакаме да крадеме.“ Посебно сакаат да крадат тие во Скопје, вели Мемети и тоа е причината што неговите соселани се толку сиромашни. Десетици од нив биле и се‘ уште се во затвор зашто ги опслужувале илегалните мигранти или кришум ги воделе преку граница. „Разбирам дека тоа треба да е казниво. Но, тие апсат обични луѓе, а организираниот криминал продолжува“, тврди Мемети.

Serbien Das Dorf der Schlepper
Фотографија: DW/N. Rujević

Големите шефови на криумчарската мафија не се Албанци, туку доаѓаат од истите земји како и мнозинството бегалци и мигранти. Тоа го вели Мемети, но и бројни хуманитарни работници, а и самите бегалци кои се гледале со криумчари. Се раскажува за оската која се протега од Солун до Скандинавија. Бегалскиот бран поминува низ Лојане веќе десетина години, односно од времето кога првите Авганистанци тргнаа на пат кон Европа. Кулминација на мигрантската струја беше пред неколку месеци, додека Србија се‘ уште официјално ја контролираше границата, а Балканската рута уште не беше толку разработена. „Овде имавме по неколку илјади мигранти. Дојденците слободно шетаа низ селото, пиеја кафе, муабетеа. Никогаш немавме проблеми со нив. Но, меѓу себе постојано се тепаа, најмногу со криумчарите кои им ги земаат парите, а не ги носат до Белград. Вадат и ножеви, па се бодат, еднаш викав и полиција“, раскажува Мемети.

Рута на лабави демократии

Македонските чувари на редот изгледаат немоќно. Криумчарите обично се оставени на мир да си ја вршат својата работа, а илегалните мигранти се запирани само во граничниот појас со Грција. Ако влезат во внатрешноста, тогаш можат да стигнат и до Србија. „Тие се духови, невидливи луѓе. Власта знае дека тие постојат, но не сака јавно да признае“, пишуваше неодамна тиражниот весник „Вечер“.

Еден висок по ранг владин службеник тврди дека во валканиот бизнис дел од колачот имаат и водечки политичари и шефови на полиција. „Рациите во села како Лојане се ретки, а и тоа се случува кога некој западен медиум известува за тој проблем. Ние пред Европската унија само декларативно покажуваме дека се бориме против криумчарите, а всушност, инволвирани се луѓе од власта“, вели во разговор за Дојче веле овој експерт, кој сака да остане анонимен. Додуша, познато е дека локалните шверцерски асистенти добиваат свои хонорари преку Вестерн унион и други трансфери на пари, но досега никој не се обидел да го пресече тој финансиски тек. Исто е, додава тој, и во Грција или Србија. Рутата преку Балкан е можна само поради тоа што поминува преку „земји на лабава демократија“.

Шверцерскиот бизнис моментно доживува ренесанса: од ноември во Македонија и останатите земји на рутата смеат да влезат само Сиријци, Ирачани и Авганистанци, додека останатите се означени како „економски мигранти“. Така, на бегалците од северноафриканските земји или Пакистан им остануваат само две можности: да се снабдат со лажни документи во Атина или да трчаат преку границата со или без помош на криумчарите. Хуманитарците велат дека криумчарите доаѓаат во бегалските кампови или бензинските пумпи каде се задржуваат бегалците за да врбуваат потенцијални муштерии. Им помагаат и гласините кои се шират низ Грција: дека македонската полиција е брутална и подготвена дури и да пука на оние кои на своја рака преку зафрлени места сакаат да се вмушнат во земјата.

Griechenland Das Motel Hara
Мотелот Хара, собиралиште на мигрантиФотографија: DW/N. Rujević

„Полицајците се океј. Кога ќе не‘ фатат само викаат: Стоп, полиција. И тогаш не‘ исфрлаат надвор“, раскажува еден млад Алжирец, кој се движи со поголема група свои сонародници кои се излежуваат на ресторанската тераса на мотелот Хара. Понудата на овој грчки мотел, само неколку стотици метри далеку од македонската граница, брзо се прочула меѓу Северноафриканците. Овде може евтино да се спие, персоналот не поставува прашања, а секоја ноќ во околните планини може да се тестира будноста на македонските граничари. „Нас не‘ фатија трипати“, вели Алжирецот кој не сака да го каже своето име. Тој добил бројни понуди од криумчари, кои за 800 евра ветуваат премин преку Македонија. Ова момче уште неколкупати ќе проба само, а потоа можеби ќе си дозволи шверцерски услуги.

Страв за девојките

Продорниот повик на муезинот означува време за попладневна молитва во Лојане. Во малата чајџилница никој не се поместува, овде малку кој ја сфаќа религијата толку строго. Шефот на месната заедница Селами Мемети пали уште една цигара, последна, и стутканата амбалажа ја остава на масата. Страствен пушач, тоа го покажуваат и пожолтените мустаќи. „Мигрантите овде остануваат само еден ден, понекогаш една недела, некогаш две. Но на крајот сите поминуваат. Полицајците земаат мито, тоа овде и во Србија е нормално.“

Мемети чул за бодликавата жица која Унгарија и‘ ја подарила на Македонија, чии војници вредно ја оградуваат земјата. Засега, само „критичните места“, се вели официјално. Селскиот старешина сепак се плаши дека на знак од Брисел, Македонија би можела херметички да ја затвори границата и да им забрани премин на сите бегалци. Така илегалните струи ќе се засилат. „Тогаш кај нас ќе биде полно.“ Селаните ќе мора да набават повеќе постели. Во селото ќе стигнат пари, но Мемети не се радува на оваа чудна социјална програма. „Кој знае колку долго тие мигранти не се бањале и дали носат некои болести. А, се плашиме и за нашите девојки во селото.“ Да, се разбира, Мемети чул за настаните во Келн.