1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Албанскиот јазик не е ’ризична конкуренција’ во Македонија“

29 јули 2011

Муса Џафери, новоизбраниот потпретседател на македонската влада, задолжен за спроведување на Рамковниот договор во интервју за Дојче Веле говори за клучните приоритети на неговата нова функција во кабинетот на Груевски.

https://p.dw.com/p/11yA2
Муса ЏафериФотографија: Sveto Toevski

Муса Џафери е еден од четворицата потпретседатели на владата на Република Македонија, избрани во Собранието заедно со другите министри во новиот кабинет на премиерот Никола Груевски. Џафери, кој е еден од блиските соработници на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ќе раководи со владиниот Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор. Тој на новата функција доаѓа од досегашната позиција како министер за локална самоуправа. Џафери и од 2002 до 2006 година беше заменик на претседателот на владата, одговорен за координирање на примената на Рамковниот договор.

На десетгодишнината од потпишувањето на Рамковниот договор во изминативе месеци во одделни научни дебати, но и во јавноста, се искажани оценки дека тој не се спроведува во задоволителна динамика, оти има подзастанувања во важни области на тој акт. Ваш коментар?

Според дефиниција, ако двете страни се жалат, или ако се незадоволни, тогаш тој договор ја постигнал целта. Преку тоа досега беше оставено во пракса како ќе се применува тој договор: дали тој ќе ја води државата и општеството кон мирот, стабилноста и преку тоа да се интегрира, да се вклопи во европската регулатива, во НАТО-регулативата и во другите регионални организации и облици на соработка. Од тој аспект Рамковниот мировен договор е најуспешниот договор. Тоа се покажа досега во регионот, почнувајќи од договорите што беа во Хрватска, Босна и Херцеговина, во Косово. Потоа и кај нас процесот тргна во позитивен правец. Постои голем простор за расправа со која динамика тоа се одвива, но, тука има многу фактори и околности, зошто во некоја година имаме застој. Или перцепцијата е таква, или суштински е така. Тука се политичките конјунктури не само кај нас, во регионот, во Европа и светот. Или финансиската криза, или некоја политичка криза, безбедносна криза... Во такви околности ние треба да сме задоволни, релативно, и рационални дека имаше напредок. Ние сме многу подалеку од мировниот аспект, во споредба со Северна Ирска, на пример. Или, ако земам некој дел од Шпанската федерација, примерите на Унгарците во Романија, Турците во Бугарија и така натаму. Во целата констелација треба да гледаме позитивно на процесот на примената на Рамковниот договор.

Mazedonisches Kabinett
Фотографија: MIA

Конкретно, кога треба да биде реализиран Рамковниот договор?

Рамковниот договор, или голем дел од нашиот Устав, се докажа дека може да функционира. Столбовите, или духот на тој договор, или на нашиот Устав, треба постојано да се одржува во таа кондиција. Бидејќи, тоа е една непрекината динамика, која не завршува како еден спортски натпревар – 60, или 120 минути и тогаш имаме резултат.

Клучно е прашањето за официјалната употреба на албанскиот јазик во институциите на системот, но и во општините?

Не треба Македонците и Албанците во Република Македонија да се гледаат како непријатели, туку постои можност во демократските системи да бидат заедно и да ги унапредуваат меѓусебните односи. Ја наследивме таа лоша јазична политика, која беше крајно политизирана, дека преку јазикот може да се загрози државниот и националниот идентитет, тука мислам на Македонците. Дека се работи за „ризична конкуренција“, ако се употребува албанскиот јазик. Тоа не е проблем. Постојат голем број позитивни примери во Европа дека преку тоа нема да се загрозува ниту една држава, туку оти е тоа капацитет на демократските сили, или на демократските системи. Преку тоа само се зајакнува меѓусебната доверба и воопшто кохезијата на целата држава.

Секретаријатот за рамковен договор во последниве неколку години имаше објавувано дека дека неговите анализи покажуваат оти албанскиот јазик не се применува како официјален во одделни општини – во Долнени, Крушево и некои други – во онаа мера што е предвидена со закон. Како ќе постапувате Вие во врска со ова, како вицепремиер за овој ресор?

Точно, таму треба да се создаваат околности, капацитети, да бидеме свесни дека таа демократија има своја цена, кога се употребуваат два, или повеќе јазици во администрацијата, на кое било рамниште. Вреди да финансираме во обука на тие државни службеници, кои треба да совладаат два јазика, кои поради тоа во пракса се бараат. Поради тоа што имаме граѓани, кои бараат услуга на два, или на три јазика во некоја општина. Државната и јавната администрација земаат плата за да им вршат колку е можно поквалитетни услуги на граѓаните и во тие општини треба да се создаваат околности, да се убедуваат дека повеќејазичноста е во интерес на односната општина. Дека никој нема да добие политички поени, ако ја бојкотира употребата на албанскиот јазик во Советот на општината. Наместо да одиме напред, ние трошиме енергија како да ја опструираме „другата страна“.

Дали ќе се заложите за воведување посебни финансиски фондови за тие општини, со цел подобрување на употребата на албанскиот како службен?

Тој јазик треба да се применува, треба да се најдат инструменти и механизми како да се постигне тоа. Еден дел ќе бара финансиски средства. На пример, ако сите услуги, формулари, преку кои им се врши услугата, ќе бидат двојазични, тоа е само една шема, која ќе функционира. Постојат многу примери во целиот свет како е можно не само на два јазика, туку и на три и на пет јазици.

Секоја година се објавуваат конкурси за вработување припадници на албанскиот етникум, но, тие по приемот долго чекаат да бидат распоредени некаде во институциите на државната администрација. Сметате ли дека така се постигнува вистинска правична и пропорционална застапеност на Албанците во земјата?

Ако се види колку беа застапени процентуално Албанците во 2001 година во државната и во јавната администрација, ќе се констатира дека се работеше за најмногу до 3 отсто, што беше премалку. Тука имаме динамика каде што треба да се вложува постојано, бидејќи е тоа „жива“ динамика: не можеш математички да кажеш дека „два плус два се четири“ и оти тоа заврши. Таа позитивна дискриминација во полза на етникумите во земјата треба да постои, за сите етнички заедници.

Musa Dzaferi Mazedonien
Фотографија: DW/Toevski

Но, господине Џафери, овде се забележува формализам: се вработуваат Албанци, колку да се каже дека се вработуваат. Тоа ли е целта: да се објавуваат конкурси, а потоа луѓето да не знаат ниту каде им е столчето, на кое ќе треба да седнат?


Точно, се согласувам, имате право. Преку тоа се банализира една многу важна работа. Преку тоа не се постигна целта, напротив, тоа создава дури и негативна енергија. Тоа мора да се исправи. Тие лица што се примаат со таквите конкурси земаат плата, за да работат во државната администрација, за да ја заслужуваат таа плата. Бидејќи сите граѓани плаќаат за буџетот. Во блиска иднина тие треба да се распоредуваат, да работат за таа плата. Институциите треба да создаваат технички и административни услови, да се најдат простори и да се организира таа работа, тие да се најдат на своите работни места.

Децентрализацијата е едно од најважните поглавја на Охридскиот рамковен договор, кое што, чинам, не само што не е затворено, туку и оти на тој план постои сериозен расчекор меѓу реалните надлежнсти, кои ги имаат општините и парите што им стојат на располагање – од нивните изворни приходи и од дотациите што ги добиваат од централната власт?

Не мора се да се кумулира, да се централизира во владата, во централната власт, која и да сака не може да знае кои се потребите на граѓаните „долу“. Во некои региони, или општини Албанците се концентрирани каде што живеат. Тие се таму хомогени. И преку тоа треба да им се даде да владеат на локално ниво. Тоа е демократски, а не да се дискриминираат и поради тоа да ја држиме децентрализацијата „во заложништво“, поради тоа што, на пример, Албанците во Гостивар ќе добијат повеќе власт. И оти тоа, наводно, ќе биде опасно за државата, или за централната власт. Нема да биде опасно, напротив, тоа ќе создава атмосфера, за да бидат тие граѓани лојални кон државата. Но, тие граѓани не мора да бидат лојални кон една конјунктура на централната власт. Тука е големата разлика. Бидејќи, ако тие бидат привремено лојални кон централната власт, но, не и лојални кон државата, тогаш имаме голем проблем.

Musa Xhaferri
Фотографија: DW

Другите малцински етнички заедници во Македонија, исто така, од поодамна со право го бараат своето „парче од Рамковниот договор“, нивна поголема опфатеност со активностите на Секретаријатот за овој ресор. Овие етникуми преку своите политички претставници многупати имаат укажувано дека се реално запоставени и онеправдани на овој план...

Прво, ние треба да ги поставиме работите системски, не поединечно. Во Уставот се бара позитивна дискриминација, или правична застапеност, на сите етнички заедници. Свесни сме дека ќе биде полесно кај помалите етнички заедници за да бидат правично застапени, квантитетно и квалитативно во сите делови на системот, ако ја завршиме работата кај најголемата етничка заедница, кај Албанците. Преку тоа одделни политички партии можеби ќе сакаат да создаваат нови теми дека, наводно, напротив, сега Албанците се тие кои не даваат „простор“ за турската, ромската, српската и другите етнички заедници. Тоа е лоша политика, ако ги поставиме така работите. Тука ќе се бара и ќе треба непрекинато најголемиот етникум, Македонците, да бидат пофлексибилни. Ќе треба да преовладува свеста кај сите, најмногу кај тие што извршуваат јавни, политички функции дека е демократско и уставно право сите етнички заедници да бидат застапени и рамноправни во државната администрација, во распределбата на националните фондови, во распределбата на добрата, кои можат да се добијат од државата, како што е инфраструктура, образование, јавно здравство, информирање, со еден збор, во сите области.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски