1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанската платформа е логичен крај за Груевски

11 март 2017

Актуелните превирања кои ги провоцира ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат само заокружување на една несреќна приказна кое ќе му стави крај на кариерата на Никола Груевски на истото место и со истите слогани со кои таа кариера започна.

https://p.dw.com/p/2YwhY
Mazedonien Nikola Gruevski
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Балканските политичари ја имаат таа предвидлива навика секогаш да се враќаат на „местото на злосторството“, а својот модус операнди да го врзуваат за една тема или лајтмотив од кој ја црпат политичката енергија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски на почетокот на својата кариера на домашната, па и на меѓународната јавност, ѝ се продаде како млад технократ и економски реформатор. Внимателно градениот имиџ, уште од годините кога беше во опозиција, секогаш се врзуваше со неговите „преродбенички“ планови: вработувања, инвестиции, реформи, ЕУ и НАТО интеграција.

Референдумот како нулта точка

Сепак, замаецот на политичкиот капитал кој го создадоа Груевски и неговата партија, а кој по изборите во 2006 година се брои во минимум 400 илјади гласови на секои избори, не беа ни „Преродбата“ ниту ветувањата за реформи. Тоа беше референдумот за територијалната поделба кој ВМРО-ДПМНЕ под раководство на Груевски го организираше во ноември 2004 година, иако формалниот иницијатор беше Светскиот македонски конгрес. За потсетување, на почетокот на иницијативата ВМРО-ДПМНЕ не се приклучи кон акцијата за собирање потписи, а Груевски беше и остро критикуван од другите тогашни опозиционери. Дури кога собирањето на потребните 150 илјади потписи стана критично, тогашната најголема опозициска партија активно се вклучи во акцијата, а Груевски ја презеде лидерската палка. Мобилизацијата преку изјаснувањето на граѓаните му помогна на Груевски да ја зацврсти својата позиција во партијата- длабоко поделена по превирањата во хотелот „Панорама“, но и да се наметне како единствена релевантна опозиција во државата.
Референдумот не помина, но „добиените“ 427 илјади гласови беа и повеќе од солидна основа, од која Груевски натаму ја градеше својата стратегија. Клиентелизмот, притисокот и злоупотребата на државната администрација и гушењето на медиумските слободи, во меѓувреме, речиси, ја забетонираа оваа бројка.

Тоа, во истовреме, беше и првиот директен судир на „младиот технократ“ со меѓународната заедница која ја поддржуваше новата територијална поделба како последен чекор од реализацијата на Рамковниот договор со кој беше ставен крај на конфликтот три години претходно. Признавањето на уставното име од страна на САД  на само два дена пред гласањето го потврди тоа.

Mazedonien Wahlen - VMRO-DPMNE Gruevski
Загрозената унитарност и заканата од „Голема Албанија“ провејуваат во изјавите на Груевски од 2004 година.Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Загрозената унитарност и заканата од „Голема Албанија“ провејуваше и во тогашните изјави на Груевски. „ Сметаме дека успехот на референдумот е од големо значење за иднината и опстанокот на државата како унитарна“, ќе рече Груевски во интервју за Гласот на Америка во 2004.
„ Едноставно, луѓе од парламентот, луѓе од структурите на власта, кои влегуваат во радикални структури во албанската етничка заедница, зборуваат дека нивната цел е правење на Голема Албанија,“ објаснуваше тој во пресрет на референдумот.

Нов фронт

На бранот на незадоволството од територијалната поделба, Груевски „сурфаше“ сѐ до парламентарните избори во 2006. Со сесрдна помош од бројните скандали и поделбите кои ја следеа тогаш владејачката СДСМ. И додека партиската пропаганда веќе ги најавуваше неизбежните успеси кои ќе следат, уште при формирањето на новата влада Груевски отвори нов фронт со Албанците. Овојпат, тоа беше неговото одбивање да коалицира со ДУИ, или „Хезболах“ како што ги нарече Антонио Милошоски во октомври 2006, обвинувајќи ги дека спроведуваат „калашников демократија“.
Во 2008, по дебаклот во Букурешт и убедливата победа на изборите, Груевски ја прифати ДУИ за коалициски партнер. Цената за двегодишното одолговлекување, за Груевски беше Законот за јазиците. За Македонија, пак – две загубени години поради одложувањето на препораката за почеток на преговори со ЕУ. На крилата на големата изборна победа која беше извојувана под мотото „името не го даваме“ и општото разочарување во државата од исходот на Самитот на НАТО, Груевски тогаш можеше да си дозволи таква отстапка.
Ни во 2006 по преземањето на власта, ниту било кога оттогаш Груевски не се обиде, како што ветуваше, дека ќе изврши промени во Законот за територијалната поделба. Вербалното акционаштво, воглавно практикувано за мобилизација на членството и националистичките чувства, никогаш не се ефектуираше во пракса, но до денес остана главно средство на ВМРО-ДПМНЕ за одржување на рејтингот и градењето на митот за себе како „чувари на националните вредности“. 

Mazedonien Skopje Führung der Regierungspartei
Амбицијата на Груевски да се овековечи како „големиот лидер“ му остана закачена на соцреалистичките слики во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и на терасите на проектот Скопје 2014.Фотографија: Nova TV

Патриотизмот како последно прибежиште

Предизвикувањето меѓуетнички тензии по кои ВМРО-ДПМНЕ и Груевски остануваат единствените „вистински Македонци“ кои ја спасуваат државата од внатрешниот и надворешниот непријател, станаа заштитен знак на владеењето во изминативе 11 години. По референдумот и пресметката со ДУИ следуваа и инцидентите на Калето, поставувањето и театралното уривање на споменикот на Цар Душан, Енциклопедијата на МАНУ, Куманово...
Оттука и обидот од платформата на албанските политички партии да се изгради нов политички капитал со националпопулистичко подбуцнување беше лесно предвидлив, но повторно, како и во 2004 година, ќе се покаже залуден. Актуелните превирања кои ги провоцира ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат само заокружување на една несреќна приказна кое ќе му стави крај на кариерата на Никола Груевски на истото место и со истите слогани со кои таа кариера започна. И тогаш како и денес под мотото „патриотизмот како последно прибежиште на никаквецот“.
И доколку во 2004, претставниците на меѓународната заедница го сметаа национализмот на младиот опозиционер за „детска болест“, денес- 13 години подоцна, речиси во целосна изолација и без ниту еден силен меѓународен партнер; секоја чест на Маријана Петир;  болеста метастазираше и ги јаде последните здрави клетки на тој организам.
На крајот, Груевски нема да биде запаметен ни како патриот, ниту како бранител на националните интереси, а најмалку како реформатор, туку како корумпиран политичар и насилник.
И амбицијата да се овековечи како „големиот лидер“ му остана закачена на соцреалистичките слики во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и на терасите на проектот Скопје 2014.
За разлика од некои балкански „вождови“, тој никогаш не собра доволно храброст ни за отворено да го промовира, да го обзнани, своето националистичко лудило, како што немаше ни тронка искреност во невештите обиди да проговори албански. Кога во 2013 година во Кичево порачуваше „Го разбирам вашиот гнев“, всушност сакаше да каже „Вас никој не смее да ве тепа!“. Исто како што и со споменикот „Воин на коњ“ до денес не остава да погодуваме, кој е воинот, а кој коњот?