1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанија и Косово бараат истрага против Карла дел Понте

ЕМФ/бета3 декември 2012

Албанија и Косово најавија дека ќе бараат независна истрага против поранешната главна обвинителка на Хашкиот трибунал, Дел Понте, поради нејзината „тенденциозна и илегална улога“ во судењето против Рамуш Харадинај.

https://p.dw.com/p/16ucN
Фотографија: Reuters

Албанската влада соопшти дека е „шокирана“ од неодамнешната изјава на обвинител на Трибуналот дека Дел Понте подигнала обвинение против Харадинај без доволно докази. Од кабинетот на албанскиот премиер Сали Бериша е соопштено дека Тирана ќе бара од меѓународните институции да покренат независна истрага против Дел Понте.

Поранешниот тужител на Хашкиот трибунал Џефри Најс неодамна во интервју за сараевски „Дневни аваз“ изјави дека тогашната обвинителка Дел Понте сноси голема одговорност за ослободувањето на Харадинај и на хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач. Најс рече дека целата постапка против поранешниот лидер на ОВК Харадинај е „бламажа за целата канцеларија на обвинителството на Хашкиот трибунал“, но не затоа што тие се ослободени, туку затоа што целата постапка е покрената онака како што не треба.

Најавата од Тирана доаѓа само неколку дена откако Трибуналот го ослободи Харадинај од обвиненијата за сторени воени злосторства во текот на војната на Косово.

Владата на Косово наведе дека институциите на Косово секогаш верувале и тесно соработувале со Хашкиот трибунал, но дека Дел Понте ја злоупотребувала таа подготвеност. Во соопштението на косовската влада се наведува дека официјална Приштина смета дека „Дел Понте до таа мера ги пречекорила и злоупотребила овластувањата и привилегиите, што дозволила неосновани, тенденциозни и противзаконски обвиненија, со што довела до апсење и омаловажување на многу значајни и ценети фигури во политиката на Косово“.