1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АИ го критикува притисокот на Лондон врз „Гардијан“

Петер каперн (ДЛФ)/ А.Трајковска22 август 2013

Директорот на кабинетот на генералниот секретар на Амнести интернешнл Стив Крошоу остро го осуди упадот на британските власти во весникот „Гардијан“. Бришењето на хард дискови со информации за НСА е бесмислено, вели тој.

https://p.dw.com/p/19U15
Фотографија: picture-alliance/ZB

Сцената како да е од филм на Монти Пајтон: Неколкумина службеници се појавуваат во редакцијата на еден весник и го принудуваат главниот уредник да уништи хард дискови, на кои е мемориран чувствителен материјал. Супершпионите очигледно ниту една секунда не се занимавале со прашањето, дали би можеле да постојат и копии од тие содржини. Упадот на тајните агенти, не е филмска сцена, туку тој се случи во британскиот весник „Гардијан“ и фрли лоша светлина врз слободата на печатот на британскиот остров, објавува Дојчландфунк.

Директорот на генералниот секрeтар на Амнести Интернешнл и поранешен дописник на весникот „Индипендент“ во Германија за германскотo радио Дојчландфунк критички се произнесе за односот на британските служби:

Дојчландфунк: Како ја оценувате акцијата на тајните служби во весникот „Гардијан“?

Крошоу: Да, Вашата дописничка сосема точно кажа, или е тоа Монти Пајтон, но јас повеќе би го опишал како Кафка. Може да се опише како незаконско применување на законот. Тоа е проблем, тоа беше видливо во изминатите години, можеше да се види каква е опасноста од тероризмот, а потоа во ерата на Буш дојде до измачувања, нели. Се велеше сѐ е можно и сега на еден друг начин, како овој на британската влада, борбата против тероризмот има предност и може да се прави сѐ. Мора да се каже дека политички е многу тешко да се разбере, бидејќи акцијата која ја спрoведоа е бесмислена. Се надевам, ние се надеваме, дека владата тоа сега некако ќе го согледа и ќе се повлече од од оваа целосно несфатлива акција.

Дојчландфунк: Кога непосредното опкружување на премиерот Камерон очигледно ги испратќа овие агенти во „Гардијан“, што тоа кажува за нервите на владата во моментов, оти откритијата на Сноуден се најдоа на насловните страници во целиот свет?

Zeitung The Guardian
Фотографија: Oli Scarff/Getty Images

Крошоу: Тоа е сосема точно. Значи од една страна чувствуваме дека тие сѐ уште сакаат да имаат можност да владеат со тие информации. Но денес живееме во свет, во кој тоа не може да се владее. Вие ја опишавте и симболичната акција која всушност е бесмислена, самото уништување, како да не сфатија дека тоа не се може. Информациите сѐ уште постојат. Мора да се каже дека по малку се дистанцираше и америкaнскатa влада, која всушност е гневна на Сноуден (...) Но, дури и Американците, каде слободата на мислењето и на говорот е толку важна, дури и тие изразија сомнеж за тоа како реагираше британската влада. Во Велика Британија погоденоста е голема. Вчудовидува тоа што владата мисли дека може да се прави такво нешто.

Дојчландфунк: Но во Велика Британија владее и голем молк, ако оттука (од Германија) можеме добро да ја следиме ситуацијата. Кој се грижи за тоа, што презема владата повикувајќи се на борбата против тероризмот?

Крошоу: Тоа за жал понекогаш е така во секоја земја. На пример измачувањето во Америка порано, тогаш се мислеше ’тоа е против другите, а не против нашите граѓани’, и тоа некако поминуваше, се протестираше премалку. Амнести интернешнл, се разбира, силно протестираше. Дури подоцна се прошири сфаќањето дека такво нешто воопшто не е прифатливо. Мислам дека кај Сноуден приказната е малку поинаква, оти и нормалните граѓани велат ’тие читаат сѐ и сметаат дека е нормално да може да се читаат сите мејлови цело време’. (...) Од аспект на Амнести интернешнл и воопшто верувам дека мора да се надеваме дека луѓето ќе сфатат каде лежат опасностите и владата во овој случај мора да биде ставена под притисок.

Дојчландфунк: Една политичарка од редовите на Зелените овде во Германија сметаше дека по прашањето на слободата на печатот во Велика Британија треба да се вклучи Комисијата на ЕУ. Ако сега мора да се вклучи Комисијата на ЕУ за зачувување на основните права во Велика Британија, дали тоа ќе значи дефинитивно крај со Rule Britannia (британска патриотска песна, н.з.), или...?

Крошоу: Не знам дали е дефинитивно крај. Идејата е добра и како што кажав сметам дека секој притисок е добредојден.