1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Азиланти носат багаж за едно евро на час!

БГ/ртр25 јули 2013

Властите во германскиот град Швабиш Гмунд ја прекинаа акцијата со која на барателите на азил им понудија да носат куфери на патници на локалната железничка станица за едно (1) евро на час.

https://p.dw.com/p/19EBv
Фотографија: DW

Акцијата во јужниот германски град почна да се спроведува во понеделникот, а работа добија деветмина баратели на азил кои имаа задача да им помагаат на патниците со багажот низ дел од станицата кој се реновира.

Градоначалникот најави оти се надева дека програмата ќе им помогне на околу 250 баратели на азил, претежно од африканскиот континент, во градот полесно да се интегрираат.

Но критиките за ниската надница- осумпати помала од минимумот во Германија- ескалираа и го преплавија кабинетот на градоначалникот, а кампања беше организирана и на Фејсбук.

„Да се користат бегалците како носачи на багаж е бесрамна експлоатација на нивната состојба. Ова е колонијално однесување“, оцени советничата на Партијата на Левицата, Ула Јелпке.

Проектот на градоначалникот, всушност, запре откако раководството на Дојче Бан (германската железница) одби да ги ангажира луѓето и најави дека ќе им плати на своите вработени да ја извршуваат задачата за нормална надница. „Железницата не може да поддржи вакви услови за работа“, соопштија од Дојче Бан.

Од кабинетот на градоначалникот на Швабиш Гмунд соопштија дека тој е разочаран од таквата одлука и ја „отфрла лажната политичка коректност“.

„На прв поглед, сликите на црни луѓе кои го носат багажот на белци будат импресии на неоколонијализам и расизам, но тоа тука не е случај- овие луѓе сакаат тоа да го работат“, вели портпаролот на градоначалникот кој е од конзервативната партија. Тој додава дека надницата од едно евро не била плата, бидејќи барателите на азил немаат право на работа според домашните закони, туку максималната сума која можела да им се исплати според законот за азил.

Весниците цитираат и неколку од азилантите кои тврдат дека не им пречела работата, и дека со неа можеле нешто и да заработат.