1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австрија: Нов канцелар, стар курс

Бернд Ригерт
12 октомври 2021

Себастијан Курц ја напушти фунцијата австриски канцелар поради скандали, но и натаму сака да ги влече конците во земјата, во сенката на својот човек од доверба, Александер Шаленберг.

https://p.dw.com/p/41YkD
Wien Vereidigung Bundeskanzler Schallenberg
Фотографија: JOE KLAMAR/AFP

По турбулентната политичка драма во последните денови, Австрија доби нов премиер. Но, Александер Шаленберг, наследникот на Себастијан Курц, се нарекува себе си „канцелар против своја желба“.

Извршувањето на канцеларската функција ми претставува чест „која си ја посакував“, изјави досегашниот министер за надворешни работи при полагањето заклетва во Виена, но чест која не можел да ја одбие. Зашто, досегашниот шеф на владата, Себастијан Курц, го замолил својот близок  соработник да ја преземе должноста.

Самиот Курц мораше да даде  оставка по тешките обвинувања за корупција против него и редица негови пријатели од Народната партија на Австрија. Курц не се повлече доброволно, туку под притисок на коалициониот партнер, Зелените, кои се заканија со излегување од владата.

Курц  се гледа себе си како жртва. Со 31 година, тој во 2017 година стана најмладиот шеф на влада во светот и зад себе има кариера со неверојатен подем. Поднес оставка, како што истакна патетично во телевизиско обраќање, зашто во прашање е Австрија, а не неговата личност.

Сеедно кој е коалиционен партнер

Оваа невообичаена великодушност не поминува целосно кај политичките коментатори во многу медиуми во Австрија. Во текот на новата корупциска афера беше обелоденето постоење на „систем Курц“, при кој се работело прво за преземање на христијанско демократската партија, а потоа на канцеларското биро.

Со политички инстинкт, итрина и интриги, Курц во 2017 година успеа да дојде на кормилото на Христијанските демократи, кои тогаш беа во тешка криза. Тој на партијата ѝ даде свеж имиџ, ги доби изборите и ги протера Социјалдемократите од канцеларската функција.

Regierungskrise in Österreich Kanzler Sebastian Kurz tritt zurück
Некои аналитичари сметаат дека Себастијан Курц ќе продолжи да владее од сенкаФотографија: Lisi Niesner/REUTERS

Со тврдо конзервативен курс и нови лица, му успеа пробив. Себастијан Курц не се двоумеше да легне во политички коалициски кревет со десните популисти од ФПО. Презеде самиот популистички тези во миграциската и политиката кон странците и стана близок со национал-конзервативните влади во Полска и Унгарија. Категорично одбива прифаќање мигранти или баратели на азил во рамките на ЕУ.

Кога коалициониот партнер ФПО во 2019 година испадна од владата по бурна афера, Курц по новите избори не се воздржуваше да формира коалиција со партијата со целосно спротивен курс, Зелените. Покажа флексибилност.

Некои го сметаат за опортунист, како Готфрид Валдхојсл. Политичарот од ФПО од Долна Австрија во 2019 година, по изборната победа на Себастијан Курц, прогнозираше дека коалицијата со Зелените ќе трае само две години.

„Тој е најголемиот опортунист во Австрија“, рече Валдхојсл, Курц во никој случај не може да ги одржи многуте ветувања. Можеби Валдхојсл беше само навреден, зашто на Народната партија ѝ успеа да ѝ ги одземе на ФПО темите и да ги придобие гласачите од десниот табор. Во сега објавените преписки на Курц со неговите соработници се вели дека Христијанските демократи треба да се однесуваат како ФПО, „само посовремено".

Дали Шаленберг треба да му го чува местото на Курц?

Политичкиот курс на Австрија со новиот канцелар Шаленберг нема многу да се промени. Во својот прв настап како канцелар, Шаленберг вети (или се закани) со тесна соработка со Себастијан Курц, кој останува партиски претседател на владејачката партија ОВП и освен тоа ќе биде и претседател на нејзината пратеничка група во австрискиот парламент.

„Курц спроведува план, да се тргне настрана, а потоа да работи заедно со новиот канцелар, да ги влече конците од заднина“, смета заменикот уредник на весникот „Стандард“, Петра Штуибер.

Зелените се согласија со промената на канцеларот и сакаат да ја продолжат коалицијата. Најавеното гласање за доверба против Себастијан Курц нема да се одржи, сега социјалдемократската опозиција на нишан го има министерот за финансии Гернот Блимел, близок соработник на Курц, кој е наводно длабоко заглавен во корупциска тиња.

Нејасно е што уште ќе излезе на виделина во следните денови при истрагата на обвинителството во врска со состојбите во Народната партија и владиниот врв. Себастијан Курц ги отфрла сите обвинувања. И раководството на весникот „Австрија“, кој за пари од Министерството за финансии објавил лажни анкети, ги отфрла сите обвинувања.

Без промена на курсот

Постои можноста новиот канцелар, Александер Шаленберг, да се обиде да се ослободи од Себастијан Курц. Политички, за ЕУ и за соседите на Австрија сега сепак ништо не се менува.

Зашто, Шаленберг во миграциската политика го застапува ставот за затворање на границите и редуцирање на правото на азил. Критиката на ЕУ во поглед на проблемите со владеењето на правото во Полска и во Унгарија, за новиот канцелар се претерани, тој смета дека треба да се разговара меѓусебно.

Задоволни напротив би требало да бидат соседите од  Балкан.  Како министер за надворешни работи  Шаленберг  постојано се залагаше за приклучување на аспирантите од Западен Балкан, можеби дури и малку поангажирано од неговиот досегашен шеф Курц.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија