1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аврамопулос: Скопје бележи назадување

ЕМФ/миа22 април 2013

Во периодот опфатен со пролетниот извештај на Европската комисија за Македонија, Скопје забележа значајно назадување, изјави грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос.

https://p.dw.com/p/18Kl8
Фотографија: picture-alliance/dpa

Грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос во изјавата објавена од страна на грчкото Министерство за надворешни работи, околу извештајот на ЕК за Македонија оценува: „Тоа назадување во голем степен се должи на политичката криза, која почна во декември, минатата година. Има криза во функционирањето на демократските институции. Со други зборови, постои демократски дефицит“.

Шефот на грчката дипломатија вели дека Грција ги истакнала сериозните недостатоци на Скопје во однос на слободата на медиумите и политичкиот плурализам. Според него, „недостасуваат компоненти кои се однесуваат на политичките критериуми од Копенхаген и основни услови за процесот на присоединување“.

„Во врска со добрососедските односи, на сите ни е јасно дека проблемите продолжуваат и се влошија. Не треба и нема да има никакви отстапки од европските критериуми. Пораката на Европа треба да е јасна. Во спротивно, сигурно треба да очекуваме натамошни негативни случувања. И тоа не е во интерес ниту на Европа, ниту на Грција, ниту, се разбира, на нашата соседна земја. Тоа е порака, која мора сите да ја сфатат“, се вели во изјавата на Аврамопулос.