Авиокомпанијата „Германија“ е банкрот
5 февруари 2019Германската нискобуџетна авиокомпанија „Германија“ денеска поднесе барање за стечај откако не успеа да обезбеди краткорочно финансирање да ја одржи компанијата, и објави дека ги откажува сите планирани летови.
Одлуката на компанијата со седиште во Берлин, која имаше 37 авиони и превезуваше над 4 милиони патници годишно, стапи во сила веднаш.
„Германија“ леташе главно од Германија и од Швајцарија кон туристичките дестинации во Средоземјето и на Блискиот Исток.
Авиокомпанијата на почетокот на јануари потврди дека има финансиски проблеми и минатиот месец не можеше да им подели плати на вработените. Во денешното соопштение фирмата укажа оти тежок товар ѝ претставувало зголемувањето на трошоците за гориво минатото лето и истовремено ослабувањето на вредноста на еврото кон доларот, како и дополнителните одлагања во набавка на летала и преголемиот број операции за одржување.
Директорот на компанијата Карстен Балке рече дека единствена преостаната можност била да се прогласи стечај и изрази жалење поради последиците од оваа одлука за вработените. Тој, исто така, им се извини на патниците кои купиле карта за летовите на „Германија“.
Германската авиокомпанија инаку досега ја опслужуваше линијата Скопје-Цирих трипати неделно (петок, сабота, недела) и се наоѓа на зимскиот распоред на летање на скопскиот аеродром, кој важи до 30 март годинава.