1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Неуспехот на Западот во Авганистан, Ирак, Либија

Керстен Книп
10 јули 2021

Западната интервенционистичка политика има постигнато малку, и тоа не само во Авганистан. Нејзините успеси се скромни и во Ирак и Либија.

https://p.dw.com/p/3w5Ww
Afghanistan Auseinandersetzungen zwischen Taliban und Sicherheitskräften im Bezirk Khanabad
Разурната продавница во село во Канабад, Авганистан, по судирите помеѓу талибанците и владините силиФотографија: Sherinagha Azizi

Повлекувањето на силите на НАТО од Авганистан се одвива со полна пареа. Земјата што ја напуштаат е далеку од стабилна демократија. Талибанците и натаму контролираат големи делови од неа. Уште еднаш, по којзнае кој пат, западните политичари и стратези мораа да увидат дека политичката култура во еден регион не се менува на копче. Она што добри звучи во теорија, како на пример во 2004 донесениот напреден и на изглед либерален авганистански Устав, во пракса речиси и да не се почитува.

Големи очекувања

Авганистан не е единственото место во кое западните интервенции не ги постигнаа целите кои самите си ги поставија. И Ирак е земја на пропаднати надежи, барем ако се мери според очекувањата подгреани од инвазијата на американските сили во 2003. „Етаблирањето на слободен Ирак среде Блискиот Исток ќе биде пресврт во глобалната демократска револуција", изјави тогашниот претседател на САД, Џорџ Буш во ноември 2003. Денес Ирак се бори да ја задржи својата независност наспроти премоќниот сосед Иран. Надежите не се исполнија ниту во Либија, по падот на тогашниот диктатор Моамер ал-Гадафи, процес поддржан од НАТО. Претседателите на САД, Барак Обама, на Франција, Никола Саркози, како и британскиот премиер Дејвид Камерун, во април 2011 во заеднички документ тврдеа дека дури по падот на Гадафи „ќе може навистина да почне транзиција од диктатура во инклузивен уставен систем". Тоа што следеше по падот на Гадафи се десет години војна. Дури годинава завојуваните страни успеаја да се договорат за Устав и парламентарни избори во декември 2021.

Libyen Bürgerkrieg Rebellen Panzer
Либиски бунтовници триумфираат во март 2011 година, меѓу другото благодарение и на американската и британската поддршка од воздухФотографија: AP

Западните замисли и авганистанската реалност

На што се должат овие неуспеси, или, барем ако се суди според очекувањата, скромни успеси? Во суштина се должат на јазот помеѓу очекувањата на државите кои интервенираат и политичката реалност на дотичните места. Германскиот истражувач на мир и конфликти Конрад Штетер во книгата „Историјата на Авганистан" ги опфаќа основните потешкотии со кои се соочуваат западните држави. Меѓу другото, тоа се „тешките теренски услови, конфликтот меѓу урбани и рурални средини, екстремната поделеност и културолошката разноликост".

ПовеќеАвганистан: Крај на сонот за извоз на демократија

Покрај тоа, тука се и различните општествени слоеви кои имаат најразлични претстави за тоа како треба да изгледа општеството. „Спроведувањето на човекови права и демократија, како и еднаквоста на жените, се нешто што според урбаниот дел од општеството мора да се случи што побрзо, додека големи делови од руралните жители сметаат дека таквите принципи се немуслимански", пишува Штетер. Затоа талибанците, особено во руралните области на југот од земјата, може да сметаат на голема поддршка.

Истиот став го дели и исламологот Штефан Вајднер, кој вели: „Сега да преговараш со талибанците е еднакво на пораз, кога знаеш дека 20 години со заштита од Бундесверот ги учевме Авганистанките на германските женски права и германското владеење на правото." Вајднер сумира дека западните држави си поставиле нереално високи цели, не само во Авганистан, туку и во Либија и Ирак.

Internationale Afghanistan-Konferenz auf dem Petersberg
Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи и германскиот канцелар Герхард Шредер на почетокот на меѓународната конференција за Авганистан во Бон, 2.12.2002 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Голема инвестиција, скромен поврат

За да ги постигнат своите цели западните држави и меѓународни институции инвестираа огромни суми и тоа го прават и по повлекувањето на силите. На виртуелна донаторска конференција за Авганистан во ноември минатата година беа собрани 10,1 милијарди евра. Парите треба да бидат распределени во следните четири години.  

ПовеќеАвганистан треба да биде лекција

Трошоците за ангажманот во воените и кризни подрачја доведоа до оптичка илузија, вели експертот за Блискиот исток, Даниел Герлах, еден од издавачите на магазинот „Зенит – Весник за Ориентот". Од средствата само мал дел стигнува до населението за обнова, бидејќи персоналот, обезбедувањето и канцелариите на такви места се многу скапи, вели Герлах за ДВ. „Ако западни соработници или дипломат со висок ранг се упатат до некој проект да видат до каде е, потребен е безбедносен конвој со непробојни возила и лица за обезбедување." Таква посета чини повеќе илјади евра на ден.

Господари на ноќта

Таквата потреба да се обезбедат себеси, често доведува до тоа и војниците во кризните региони како Авганистан само делумно да може да ја исполнуваат својата заштитна фунцкција, вели Герлах.

ПовеќеАвганистан- вечниот рингишпил

„Тоа, на пример, се случува пред сѐ навечер. Тогаш војниците се во камповите, а талибанците во селата." Во ноќните часови талибанците им објаснувале на луѓето што очекуваат од нив, а ако не ги исполнат очекувањата доаѓале повторно со уште поголемо средство за притисок. „Истото пред неколку години се случуваше и во Ирак. Таму преку ден владееја безбедносните сили, а навечер „Исламска држава” (ИД) – со слични последици."

Afghanistan Dorfbewohner auf einem Markt in Khogyani
Соочен со неизвесна иднина: селанец на пазар во Когијани, АвганистанФотографија: DW/Mohsin Khan Mohmand

Имплозија во Либија

Но, дури и со обемен финансиски ангажман суштинските проблеми не се решаваат. Политикологот Волфрам Лахер во својата книга за либиската граѓанска војна ја опишува имплозијата на државата и последователната потешкотија да се најде соодветен партнер за соработка. Во речиси сите градови има спротивставени групи кои постојано формираат нови алијанси. Таквите групи некогаш е тешко да се идентификуваат однадвор. „Наместо да го изострат профилот во јавноста и да развијат препознатлив идентитет, вооружени групи често се кријат зад постојаните промени на имињата."

Повеќе: Десет години од интервенцијата на НАТО во Либија: По Гадафи...

Со други зборови: НАТО учествуваше во падот на еден диктатор без да има некаква претстава за тоа како структурата и скелетот на земјата може да се одржи без човекот на врвот.

Irak Protesten nach dem Tod von Ihab al-Wazni
Протести во Ирак по убиството на познат критичар на владата (9 мај 2021 година)Фотографија: Mohammed Sawaf/AFP

Погрешни одлуки во Ирак

И во Ирак здружените сили направија суштински грешки. Откако во 2003 година таму влезе Коалицијата, американскиот цивилен управник Пол Бремер донесе серија одлуки со големи последици. Тој ги приватизираше државните фирми и ги распушти ирачката армија и партијата Баас, кои беа контролирани од соборениот диктатор Садам Хусеин. Последицата беше што илјадници луѓе сметаа дека им е одземена основата за егзистенција. Дел од нив, кои не се задоволија со фрустрација и одбивност спрема западните сили, се свртеа кон џихадистички организии, пред сѐ Ал-Каеда и ИД, кои земјата ја вовлекоа во бран на насилство без преседан.

Повеќе: Зошто е Ирак толку важен за Американците

„Ирачката авантура ќе поминеше и полесно ако беше водена од одговорни, помалку идеолошки настроени учесници, кои повеќе се интересираа за општиот, наместо својот интерес", вели исламологот Вајднер. Помалку катастрофално ќе се одвивало сѐ, да беа вклучени и соседните држави, наместо да им се упатуваат закани за 'Оската на злото'. „Помалку отпор ќе се создадеше ако дел од Ирачаните не се етикетираа како непријатели, а се мисли на сите кои некако соработувале или морале да соработуваат со Садам."