1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авганистанците го поздравуваат договорот со Германија

Ратбил Шамел / Александар Методијев16 мај 2012

Германија сака да ја засили соработката со Авганистан, по крајот на НАТО мисијата, со договор за партнерство. За луѓето во Авганистан ова е добредојдена перспектива во несигурните времиња.

https://p.dw.com/p/14wMf
Фотографија: dapd

Многу Авганистанци со комплименти зборуваат за Германија и традиционалната германско-авганистанска соработка, која датира од 20-тите години на минатиот век. Исто така и германската развојна помош во здравствените и образовните услуги е високо ценета.

Веста дека владата, по Индија, Франција, Велика Британија и САД, денеска (16.05.) потпишува партнерски договор и со Германија, ќе биде поздравена од многумина. 20-годишната Лајлома од Кабул се радува за непрекинатиот интерес на Западот за нејзината земја.

„Многу ја поддржувам постојаната соработка меѓу Авганистан и Германија. Германија е значаен член на ЕУ. Партнерството со таква земја ни создава нам Авганистанците голема надеж“, вели оваа девојка.

Чувство на сигурност

Bundeswehr Afghanistan ISAF
Германските војници се дел од ИСАФ мисијата во АвганистанФотографија: AP

Ндежта е најважното нешто што им треба на луѓето во Авганистан во моментов, вели Лајлома.

„Многумина од моите сограѓани имаат големи грижи, дека Авганистан би можел повторно да падне во рацете на талибанците по повлекувањето на НАТО трупите на крајот на 2014-та година“, објаснува студентката. Секој договор со значајна земја како Германија им дава на луѓето во Авганистан чувство дека би можеле да сметаат во следните години на поддршка од светот.

Мухамад Бакир, исто така од Кабул, гледа на соработката со што е можно повеќе земји како на зголемување на безбедноста.

„Германија во минатите години го поддржуваше Авганистан и оваа поддршка само ќе продолжи. На тој начин може да се спречи, како и во минатиот век, Авганистан да биде на милост и немилост на соседите на оваа земја“, вели Бакир.

Растурена изолација

По протерувањето на советските трупи следуваше време на уништувачката граѓанска војна во 90-тите години, која беше прекината од талибанците, но тие земјата на крајот ја однесоа во изолација. Овие времиња дефинитивно се завршени, вели Емал Фаици, портпарол на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи. Авганистан, како што покажува и договорот со Берлин, нема да биде оставен сам со своите проблеми.

„Спогодбата со Германија ќе отвори нова епоха во соработката меѓу двете земји. Договорот со Германија ја менаџира соработката во претстојната деценија и испраќа јасен сигнал дека Авганистан по 2014-та година нема да биде оставен сам“, вели портпаролот Фаици.

Авганистанската влада смета на партнерство со Берлин преку поддршка во областите образование, економија, безбедност и во зајакнувањето на авганистанската државна администрација, објаснува Фаици. Освен тоа, Кабул посакува што е можно повеќе германски обучувачи да останат во земјата и по 2014-та година. Авганистанската влада не сака да наведе конкретни бројки. „Нашите партнери ги знаат нашите барања“, вели владин извор од Кабул.

Доверба во Германија

Авганистанската влада е многу внимателна со своите барања, вели Фаизулах Јалал, професор по политички науки на универзитетот во Кабул.

„Претседателот Хамид Карзаи знае дека секој договор со значајна западна земја ја зголемува енормно репутацијата во светот на неговата влада и неговата земја, но и во земјата против Талибанците“, објаснува Јалал. Пред се’ оваа спогодба со Германија му носи дополнителни предности на Кабул.

„Договорот со Германија ќе ги смири оние што до сега беа против партнерството меѓу Кабул и Вашингтон. Многу критичари би можеле да бидат убедени дека соработката со светот е во корист на Авганистан, бидејќи исто така Германија ќе застане на страната на Авганистан“, заклучува универзитетскиот професор.