1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Абас бара признавање на независна Палестина

6 мај 2011

Германија се залага за брзо обновување на мировните преговори меѓу Палестина и Израел. Вчера (05.05) на средба во Берлин со канцеларката Меркел беше претседателот на Палестинците Махмуд Абас.

https://p.dw.com/p/11AXv
Меркел и Абас на прес-конференцијата во Берлин
Меркел и Абас на прес-конференцијата во БерлинФотографија: dapd

За Германија од првенствено значење е што побрзото обновување на мировните преговори на Блискиот исток. За евентуалното признавање на независна палестинска држава на заседанието на генералното собрание на ОН наесен, и тоа без успешно завршени израелско-палестински преговори, Меркел воопшто не сакаше ниту да нагаѓа.

„Сакаме решение врз основа на две држави и на тоа решение мора да се работи. Не веруваме дека еднострани потези би биле од полза.“

Во врска со помирувањето меѓу завојуваните фракции на Фатах и Хамас, канцеларката инсистираше на почитување на три критериуми: прифаќање на безбедноста и егзистенцијата на Израел, одрекување од примената на сила и почитување на досегашните договори со Израел.

Саркози за признавање, Меркел претпазлива

Во април годинава канцеларката Меркел се сретна и со израелскиот премиер Нетанјаху
Во април годинава канцеларката Меркел се сретна и со израелскиот премиер НетанјахуФотографија: dapd

Меркел разговараше со претседателот на Палестинците Махмуд Абас синоќа во Берлин, а тој денеска се среќава со францускиот претседател Никола Саркози во Париз. Меркел се обидуваше да ги минимизира разликите кои постојат меѓу неа и Саркози кога станува збор за едностраното признавање на палестинската држава.

„Она што францускиот претседател го изјави е важно и за мене: сакаме преговорите да започнат набрзо за да се оствари брз напредок. Таа желба не‘ обединува, гледаме дека тоа го сака и претседателот Абас и на тоа мораме да се концентрираме“, рече Меркел.

Саркози во средата, во едно интервју, изјави дека доколку ни до септември не дојде до придвижување во мировните преговори, Франција ќе преземе одговорност за признавање на палестинската држава.

Палестина има добри шанси во Њујорк

Абас се обидуваше да ги отстрани сомнежите во Германија поради помирувањето со Хамас и тврдеше дека досегашните договори со Израел не се доведени во опасност. Меѓутоа, тој јасно порача дека Палестинците наесен ќе им се обратат на ОН доколку дотогаш не дојде до успех во мировните преговори.

Палестинците го слават примирјето меѓу Фатах и Хамас
Палестинците го слават примирјето меѓу Фатах и ХамасФотографија: picture-alliance/dpa

„Не одиме во ОН за да прогласиме држава, туку сакаме да го слушнеме мислењето на меѓународната заедница. Дали таа прифаќа еден народ вечно да живее без своја држава? Палестина е окупирана веќе 67 години. Ние сме единствениот народ во светот кој живее под окупација“, рече Абас.

Досега Палестина доби дипломатско признание од 110 држави, меѓу нив и од некои земји членки на ЕУ, Полска, Романија и Унгарија. Според мислењето на познавачите, постојат добри шанси на заседанието на ОН наесен мнозинството земји да се изјаснат за признавање на палестинската држава.

Автор:Бернд Греслер / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска