1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ова беше тешка година за регионот!„

Катерина Блажевска29 ноември 2015

Во толку компликувана година, секоја влада може да каже за себе дека била успешна, ако го сочувала општествениот мир и постигнала национален договор за најважните цели, вели Свилановиќ.

https://p.dw.com/p/1HDyH
Фотографија: picture alliance/APA/picturedesk.com

Колку и да беше тешка, ова е и година на големи договори, како што е Договорот кој со учество на ЕУ го постигнаа партиите во Македонија, вели Горан Свилановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка, оперативно тело на Процесот за соработката во Југоисточна Европа. Свилановиќ, во интервју за Дојче веле зборува за степенот на регионалната соработка, за учеството на Република Македонија во неа, за регионалните проекти и актуелните предизвици - справувањето со бегалската криза и со заканите од тероризам.

ДВ: Господине Свилановиќ, дали сте задоволни од нивото на соработка на земјите во регионот? Кои земји се пример за регионална соработка, односно на кои таа не им е декларативна цел или „обврска“, туку искрена желба за дијалог, и за посилен и постабилен регион?

Горан Свилановиќ: Годината, на чиј крај се радуваме, беше многу тешка. Речиси секоја земја во нашето заедничко и најблиско опкружување се соочи со сериозен предизвик. Заедничка ни беше тешката економска ситуација и постојаната борба за секое работно место, за да не се згасне, а да се отвори ново. Заеднички ни е и проблемот предизвикан од миграциите од Блискиот Исток, a преку нашите земји. Тажно е, но вистина е дека заеднички проблем ни е и заминувањето на млади од нашите земји, задоени со смртоносни идеологии, да војуваат во далечни простори и да учествуваат во екстремистички и терористички активности. Од друга страна, колку и да беше тешка, ова е и година на големи билатерални или национални договори и одредени успеси. Тука, секако мислам и на договорот за патот за решавање на внатрешната политичка криза, кој со учество на ЕУ, го постигнаа политичките партии во вашата земја. Мислам и на Бриселскиот договор 2, мислам и на чекорите што овие денови ги прават во БиХ за да ги отстранат препреките и да достават кредибилна апликација непосредно пред Нова година, или во првите месеци потоа. Во толку компликувана и предизвикувачка година, мислам дека секоја влада може да каже за себе дека била успешна ако го сочувала општествениот мир и ако успеала да постигне национален договор за најважните цели, пред се‘, за зачувување на социјалниот мир и зголемување на вработеноста. Она што беше заеднички успех, тоа е самитот во Виена, кој донесе договор за најважните патни, железнички и енергетски коридори.

Вашата „Стратегија 2020“ се фокусира на 11 заеднички цели, меѓу кои и регионот да достигне 36 отсто од европскиот БДП по глава на жител, како и еден милион работни места. Дали е тоа реално остварливо, имајќи предвид дека во некои земји процентот на невработеност изнесува повеќе од 40 проценти?

Ние во Советот за регионална соработка, заедно со претставниците на сите наши економии, редовно ги следиме резултатите од примената на Стратегијата за Југоисточна Европа 2020. Постои напредок во унапредувањето на меѓусебната трговија, привлекувањето инвестиции и зголемувањето на вработеноста, но потребен е позначаен стопански раст за да се постигнат сите цели. Заедно со претставниците на министерствата за економија и националните статистички служби, со учество на ЕУ и Еуростат, ги усогласуваме и потребните корекции во однос на целите кои беа поставени пред неколку години.

Колку на регионалните иницијативи делува фрустрачки оној вкоренет менталитет дека секогаш некој друг треба да ги извлече земјите во регионот од проблемите што ги имаат?

Не чувствувам така. Моето искуство е дека на крајот најодговорните политичари во земјата, донесуваат одлуки со кои ги решаваат проблемите. Има скитања, има ситуации во кои недостига храброст да се постигне договор, но со поддршка на опкружувањето, а особено со поддршка на Европската Комисија и највлијателните земји во ЕУ, конечната одлука ја носат нашите, домашни политичари. Оние кои не успеваат да се договорат и да преземат одговорност, брзо исчезнуваат, бидејќи граѓаните не прифаќаат неодлучност. Пред се‘, затоа што на крајот цената за неодлучноста да се преземе одговорност и политички ризик, всушност ја плаќаат граѓаните со лош живот, стагнирање, осиромашување и изолација. Популистичка политика може да дејствува заводливо некое време, но конечно цената е толку висока што граѓаните бараат промена.

Каков е придонесот на Република Македонија во регионалната соработка? Во кои области таа е најдобра, а во кои слаба или недоволна?

Секоја земја има свои приоритети и ние во Советот за регионална соработка се трудиме да ги почитуваме тие приоритети и да ги усогласиме со интересите што ќе ни ги предочат и други во регионот. Мислам дека вашата Влада сосема јасно изрази интерес за неколку области. Една од нив е договорот за патни и железнички сообраќајници, бидејќи се наоѓате на крстосница. Второ е унапредувањето на соработката што го зголемува нивото на инвестиции и придонесува за олеснување на меѓусебната и производствена и трговска соработка, за отстранување на сите пречки на тој пат. Тука е и земјоделството, унапредувањето на јавното здравје ...

Дали одложувањето на либерализацијата на енергетскиот пазар во Република Македонија го закочи или го забави тој процес и на заедничкиот регионален пазар, како и во делот на усогласување на регионалната со европската легислатива и практика?

Проектите кои се усогласени во рамките во Енергетската заедница, добија голема поддршка на самитот во Виена, а колку што ми е познато, слично ќе биде и во Париз. Значи, договорите кои се постигнати во Енергетската заедница, како и примената на енергетските, но и на еколошките директиви на ЕУ, кои и нашите земји ги прифатија, е нешто што ниту една земја од регионот не може долгорочно да го заобиколи. Меѓутоа, вистина е дека се потребни значајни средства за да можат нашите земји во полна мера да ги применат сите договори. Што се однесува на либерализацијата на енергетскиот пазар во целиот регион, сликата никаде не е идеална и нема да биде идеална, се‘ додека не се постигне договор и со европските партнери, и со воневропските партнери, за стабилно снабдување со енергенти.

Регионот со месеци се соочува со мигрантска и бегалска криза. Колку е тој реално подготвен да одговори на овој предизвик, имајќи предвид дека ни ЕУ се‘ уште нема изградено единствена политика во однос на овој проблем, кој доби неочекувани димензии?

Единствениот европски одговор на кризата која ќе трае, не смее да биде постигнат без учество и на земјите од нашиот регион, кои се наоѓаат на патот на мигрантите. Не може да биде постигнат без наше учество, ниту на товар на Западен Балкан. Добро е што се одржа еден мини-самит на кој учествуваше и претседателот Иванов, но тоа е само дел од процесот и се надевам дека и сите натамошни договори ќе бидат со учество на нашите влади. Во рамките на новата европска политика се споменуваат таканаречените „hot spots“, така да се каже, сместувачки капацитети од поголем обем, надвор од ЕУ, на транзитната рута, тоа значи во нашите земји. Мислам дека таквата европска политика може да биде договорена и спроведена само со учество и согласност на нашите земји. Поради тоа е потребен постојан дијалог за секој чекор и за сите одлуки што ќе бидат донесени, за да не се случи кризата само да се прелева од една земја во друга. За овие проблеми, Советот за регионална соработка организираше состанок на шефовите на воено-разузнавачките служби од поширокиот регион. Секако, учествуваа и ваши претставници, заедно со претставници од уште 11 други држави - од Турција, Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Албанија, и се разбира, од земјите од поранешна Југославија. Можевме да слушнеме што мислат тие за безбедносните предизвици пред нас, а во врска со бегалците и мигрантите. Тие се многу загрижени. Таа загриженост јас им ја пренесов на нашите министри за надворешни работи, како и на претставниците на Европската комисија.

Еден од приоритетите на Советот е развојот на заедничка платформа за борба против екстремизмот. Терористичките напади во Париз, па и оние во Сараево, укажуваат дека тоа е светски, европски и регионален проблем. Во овој контекст, дали оваа платформа доцни?

Пред повеќе од еден месец им испратив писмо на министрите за надворешни работи од Процесот за соработка во ЈИЕ и ги повикав да ги одредат лицата кои се задолжени за координација на националните напори во борбата против тероризмот, за наскоро да ги состанеме сите нив и да воспоставиме канал за размена на информации и за усогласување на конкретни акции во поширокиот регион. Овој процес ќе го води Советот за регионална соработка, бидејќи сметаме дека безбедноста на сите нас е загрозена, и дека колку и да ни се ефикасни службите, не се доволни само напори на национално ниво. Потребно е сите од регионот постојано да бидеме на врска, побрзо да разменуваме информации и заеднички да дејствуваме. Оваа програма веќе и‘ ја претставив на Европската Комисија, а на 15 декември за тоа ќе зборувам и во НАТО, за да обезбедиме и нивно целосно учество.

Кај западните политичари и аналитичари постои перцепција дека многу проблеми и конфликти во регионот се случуваат заради т.н. „вишок историја“. Врз основа на досегашниот регионален учинок, дали сте оптимист дека доаѓа време кога регионот ќе ги демантира со вишок соработка, разбирање и култура?

Во последните неколку години, најконкретниот вид на соработка во регионот, е во рамките на т.н. Берлински процес. Советот за регионална соработка, со поддршка на Процесот за соработка во ЈИЕ, со кој во моментов претседава Бугарија, врз себе презеде обврски кои се однесуваат на унапредувањето на мобилноста на работната сила во регионот. Тоа ќе го постигнеме така што ќе ги усогласиме квалификациите за разни занимања и ќе овозможиме преговори за автоматско признавање на дипломите. Исто така, ќе започнеме преговори за регионален инвестициски договор, кој треба да ни овозможи формирање на единствен инвестициски простор, што дополнително би требало да привлече инвеститори и да помогне за намалување на невработеноста. И на крајот, сакаме договорите постигнати во Виена околу патните и железничките коридори да бидат проследени и со воспоставување на вистински економски коридори. Советот за регионална соработка, исто така, ќе ги поддржи нашите влади кои сакаат да ја унапредат ИКТ - логистиката и намалувањето на тарифите за роаминг. Сите овие мерки се дел од Стратегијата на Југоисточна Европа 2020, и би требало да ни помогнат, покрај единствен пазар на труд, покрај единствен инвестициски простор, да воспоставиме и единствен информациски простор. Ако сето ова го направиме дотогаш, да, јас сум оптимист. Но, би сакал да кажам уште нешто. Во претходните неколку години направени се големи и тешки компромиси. Очекувам и во блиска иднина исто така да видиме договори, без оглед колку се тешки. Меѓутоа, мислам дека нашата заедничка порака до европските пријатели треба да биде - дека сите тие договори се направени и се прават во контекст на придружувањето на Европската Унија. Процесот на придружување е неопходна рамка за договорите. Ако тој процес, како животен и стварен процес го нема, се плашам дека нема да има ни договори. Секој застој во процесот на придружување носи застој и во решавањето на регионалните проблеми, застој во реформските процес на национално ниво, па дури доведува и до тешки политичка кризи.