1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обложување против вредноста на јуанот

Андреас Бекер/БГ3 февруари 2016

Сигналите за економското забавување на Кина го зајакнуваат убедувањето на аналитичарите дека тоа ќе доведе до натамошен пад на националната валута. Големите „хеџ-фондови“ веќе се обложуваат на таа можност

https://p.dw.com/p/1HoRK
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene

Кинеската економија имаше тежок почеток на 2016 година. Тргувањето на националната берза беше на двапати прекинато за да се спречи паника, а вредноста на националната валута- јуанот, падна на најниска вредност во однос на доларот во последните пет години. На почетокот на неделава активноста на огромниот индустриски сектор падна на најниско ниво во последните 13 години, зголемувајќи ги стравувањата дека на економијата и се заканува голем пад.
И покрај напорите на Кинеската централна банка да го зајакне јуанот, најчесто поставуваното прашање меѓу економските експерти е каде оди кинеската економија, и уште поважно, каде оди јуанот?

Според весникот „Вол Стрит Џрнал“, повеќе оператори на големите американски „хеџ-фондови“ се обложуваат на натамошен пад на јуанот. Кајл Бас од „Хајман Капитал Менаџмент“, на пример, инвестирал речиси 85 проценти од своето портфолио „во опцијата за пад на вредноста на јуанот и на хонгкошкиот долар во следните три години“. Бас очекува вредноста на јуанот да падне за околу 40 проценти во тој период.

Познатиот инвеститор и шпекулант Џорџ Сорос, кој создаде богатство шпекулирајќи против британската фунта во 1992 година, исто така најави дека се обложува против јуанот и други азиски валути. „За Кина тешкиот пад е неминовен“, изјави Сорос на Светскиот економски форум во Давос, пред две недели.

Секако, Сорос и други трговци се надеваат дека на тој начин ќе ја зголемат поддршката за обложување против јуанот. Колку повеќе луѓе стават таков облог, толку поголем притисок врз валутата. Само во последните шест месеци, надворешните девизни резерви на Кина се намалија за рекордни 500 милијарди долари.

Силен противник

Но кинеската Централна банка се уште има на располагање 3,300 милијарди долари. Продажбата на дел од овие резерви може да го зајакне јуанот. Овој куп пари е гаранција за кинеските властодржци дека шпекулантите како Сорос можат да се контролираат. „Објавуваат војна против кинеската валута? Хаха!“ гласеше насловната страница на „Народниот весник“, официјалниот орган на комунистичката партија на Кина.
Мнозинството експерти верува дека Кина ќе ја намалува вредноста на јуанот „бавно и методично“. Кинеската економија минатата година порасна за 6,9 проценти, најниската стапка во последните 25 години. Без интервенциите на Централната банка, јуанот веројатно дополнително ќе ослабеше во однос на доларот. Некои сметаат дека слабиот јуан е во интерес на Кина затоа што го поефтинува извозот, и ја стимулира економијата.

China Börse Yuan Symbolbild
Фотографија: Reuters/K. Kyung-Hoon

Не очекува валутна војна?

Но кинеската Централна банка не се фокусираше само на девизниот курс до доларот, вели Фанг Синхаи, директор на меѓународниот економски оддел во Групата за финансиски и економски прашања, дел од Централниот комитет на комунистичката партија во Пекинг. „Кина порано беше врзана за американскиот долар. Тоа значеше фиксен курс, и повремени поместувања“.

„Сега целта е да се префрли на принцип на кошничка“, вели Фанг. Принципот на кошничка не опфаќа само една, туку повеќе валути со кои се одржува рамнотежа. Во случајот на Кина, во „кошничката“ доминираат валутите на најголемите трговски партнери: американскиот долар, јапонскиот јен, еврото и корејскиот вон.

Кинеската валута „е доста стабилна во однос на оваа кошничка, и тоа не само сега, туку и во последните неколку месеци“, рече во Давос, Кристин Лагард шефицата на ММФ.

Кинеските власти заслужуваат честитки за начинот на кој ја изведоа транзицијата на економијата базирана врз домашната потрошувачка, вели Реј Далио, основач на „Бриџвотер Асосиејтс“, американска инвеститорска фирма со 169 милијарди долари на располагање. Но, со оглед на слабата светска економија, ниските каматни стапки и лабавата монетарна политика на повеќето централни банки, тој очекува повеќе конфликти на пазарите на валути.

„Затоа што не можете да ги менувате каматните стапки, повеќе ги разменувате валутите. А тоа мириса на валутна војна, а не валутна соработка“, рече тој во Давос.